Премиерот вели дека вчерашната паника била направена од неколку помали продавачи на нафтени деривати кои ги ограничиле количините од шпекулативни причини што Ковачевски го нарече и воено профитерство
Кај граѓаните не треба да има паника во однос на непречено снабдување со горива, порача вечерва премиерот Димитар Ковачевски откако вчера можеа да се забележат редици автомобили на бензиските пумпи низ земјава.
„Република Северна Македонија има горива за непречено снабдување на бензиските пумпи, ние се снабдуваме со гориво преку Република Грција и таков проблем не постои. Она што вчера беше предизвикано беше направено од страна на неколку помали продавачи на нафтени деривати кои ги ограничија количините од шпекулативни причини, што јас го израмнувам со воено профитерство. Тоа предизвика непотребна паника, гледате дека денеска тоа не постои и проблем со снабдување на нафта и нафтени деривати нема да има“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на стоковите резерви, пак, тој уверува дека тие се на ниво кое обезбедува непречено снабдување на населението и граѓаните со храна, а снабдувањето од Србија кое беше тема во јавноста вчера, премиерот рече дека е дел од редовното работење на приватната мелничарска индустрија.
„Имаше одредени шпекулации кои се однесуваа на снабдување со жито и брашно, тие не беа точни и беа демантирани. Значи нашите стокови резерви се на ниво кое обезбедува непречено снабдување, тие во моментов не се ни користат. Она што беше предмет на јавна дискусија тоа е дел од редовното работење на приватната мелничарска индустрија односно на увоз на пченица кој се одвива од Србија. Ние имаме размена со различни држави од каде од некои увезуваме, во некои извезуваме. Нивото на производство на пченица 2021 во однос на 2017 е зголемено. Ако во 2017 биле произведени 219 000 тони пченица, сега тоа е на ниво од 253 000 што значи дека е зголемено и дека она што е количина до нивото на следната жетва, само тоа е обезбедува и за тоа не постојат никакви пречки туку е дел од редовното работење“,
вели Ковачевски.