Тој претстави дел од проектите во изборната програма посочувајќи дека гарантираат просечна плата од 1 100 евра и минимална плата од 600 евра
СДСМ и Коалицијата се единствена опција за европска иднина на државата. Ние нудиме јасен план и визија како до 2030 година Северна Македонија да стане земја членка на ЕУ. Наспроти нашите политички конкуренти ВМРО – ДПМНЕ кои немаат ниту план, ниту визија, ниту одлучност, ниту волја да го направат тоа, порача вечерва од предизборниот митинг во Демир Капија, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Тој порача дека граѓаните на овие избори ќе бираат помеѓу надеж и безнадежност.

„Изборот е кристално јасен. Избирате помеѓу надеж за подобра, европска иднина со СДСМ или безнадежност и враќање назад со ВМРО ДПМНЕ. Нашите идеи се прогресивни, со јасна визија за европска иднина на државата за што имаме голема поддршка од нашите пријатели од ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаков план за јасен напредок во евроинтеграциите, напротив, може да слушнете нивни изјави каде велат дека не треба да станеме членка на ЕУ сто години, а можеби и никогаш. Тоа покажува дека ја продолжуваат политиката на Никола Груевски. Со нив, Северна Македонија ќе се врати во чекалниците и во темното минато на недемократските процеси“,
нагласи Ковачевски.
Тој претстави дел од проектите во изборната програма посочувајќи дека гарантираат просечна плата од 1 100 евра и минимална плата од 600 евра.
„Гарантирана плата за младите и грантови за отпочнување нов бизнис, затоа што сакаме младите да си ја градат својата иднина дома. Гарантираме подобри услови и плати за здравствените работници и целосно бесплатно јавно здравство. Ветуваме подобар и поправеден систем за сите, бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и конечно со спроведување на процесот на ветинг на судиите и јавните обвинители“,
рече Ковачевски.
Тој нагласи дека компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра.
„Го подготвуваме најголемиот и најамбициозен план во независна Македонија за модернизација на инфраструктурата. Ќе инвестираме 2,7 милијарди евра, а ќе се изградат 194 километри нови автопати и реконструкција на вкупно 950 километри патишта во сите делови и општини на државата“,
рече Ковачевски.
За пензионерите рече дека ќе обезбедат просечна пензија од 30 000 денари и минимална пензија од 20 000 денари.
„Јас ветувам дека ќе работам ден и ноќ да ги исполнам очекувањата на мнозинството граѓани да живеат во европска Македонија. Не се откажавме досега, нема да се откажеме ниту отсега. Ние не се откажуваме од иднината“,
порача претседателот на СДСМ.