Податоците добиени од надлежните служби покажуваат дека кај нас не се користи ваков малициозен софтвер со кој се инфицираат мобилните телефони, посочи премиерот Ковачевски. Тој информира дека по барање на Комисијата за следење комуникации, Обвинителството веќе постапува за, како што рече, да може да ги собере сите податоци изнесени како дилеми од страна на пратениците, членови на Комисијата
Софтверот „Предатор“ не се користи во институциите, истакна попладнево премиерот Димитар Ковачевски во Собранието, на седницата посветена на пратенички прашања.
„Врз основа на писмени документи од Агенцијата за национална безбедност и од Оперативно-техничка агенција (ОТА) како Кабинет бевме информирани дека софтверот „Предатор“ во институциите не се користи“,
рече Ковачевски одговарајќи на пратеничко прашање од Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот посочи дека ОТА е воведена во земјава по, како што рече, историскиот најголем скандал со прислушувањето. Потсети на нејзините законски активности и додаде оти изборот на нејзиниот менаџмент се прави од Собранието, со двотретинско мнозинство, а не од Владата.
Ковачевски информира дека по барање на Комисијата за следење комуникации, Обвинителството веќе постапува за, како што рече, да може да ги собере сите податоци изнесени како дилеми од страна на пратениците, членови на Комисијата.
„Граѓаните можат да бидат мирни од аспект какви системи користат официјалните институции во државата,“
нагласи премиерот Ковачевски
По аферата со незаконското прислушување во 2015 година, која доведе до отворање повеќе случаи од некогашното Специјално јавно обвинителство, Скопје повторно беше ставено на картата на шпионски активности, овој пат како место каде што нелегално бил развиван и од каде што бил продаван шпионскиот софтвер „Предатор“. Делови од овој малициозен софтвер со кој се инфицираат телефонски уреди биле развивани и во Македонија, а за тоа била задолжена фирмата „Сајтрокс“.
Поради ваквите активности, Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД ја стави на компанијата на својата „црна листа“. Таа заедно со уште три фирми од Грција, Унгарија и од Ирска е санкционирани поради обиди да добијат пристап до информациски системи, со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот. Другите три фирми се унгарската компанија „Сајтрокс“ и двете фирми „Интелекса“, едната регистрирана во Грција, а другата во Ирска. Сите се дел од истата мрежа.