Двајцата соговорници на средбата се согласија дека од голема важност е што поскоро да започне преговарачкиот процес за Северна Македонија за да се одржи динамиката на реформите
Во рамки на дводневната работна посета на институциите во Брисел, премиерот Ковачевски се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а на средбата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На средбата премиерот Ковачевски истакна дека во наредниот период, за време на француското претседателство со ЕУ, едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на Европската комисија да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Северна Македонија и Албанија.
Во таа насока, Ковачевски како охрабрувачка ја оцени брзата организација на неговата работна посета на Брисел, заради можноста највисоките претставници на ЕУ да бидат запознаени со резултатите од дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија.
На двете официјални работни средби во Скопје и Софија се постигна договор за унапредување на билатералната соработка преку создавање пет работни групи, рече премиерот Ковачевски на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Од нивната работа се очекуваат конкретни резултати кои ќе го забрзаат процесот за одржување на првата Меѓувладина седница на Северна Македонија со ЕУ за отворање на поглавјата за членство во Унијата. Од исклучителна важност во тој процес е вклучувањето на Европската комисија и француското претседателството со ЕУ, за да се овозможи решенијата да бидат во согласност со европските стандарди и вредности.
Двајцата соговорници на средбата се согласија дека од голема важност е што поскоро да започне преговарачкиот процес за Северна Македонија за да се одржи динамиката на реформите.