На прашањето за бугарското вето и односите со Софија, премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „То вима“ вели дека постои добра комуникација со бугарскиот премиер Кирил Петков и „искрена волја за решавање на спорот“
Долгорочното одложување на европската интеграција влијае на евроскептицизмот и недовербата во целина, проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја стабилизира демократијата. Многу е важно Северна Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ без одлагање, вели премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски за грчкиот весник „То вима“, истакнувајќи дека особено во контекст на војната во Украина, важно е процесот да започне без ден одлагање, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервјуто под наслов „Веднаш да започнат пристапните преговори со ЕУ“, направено по повод учеството на премиерот и владината делегација на Делфи форумот во Грција што се одржа од 6 до 9 април, Ковачевски говори за ЕУ перспективата, за бугарското вето, војната во Украина, но и последиците за нашата земја.
Премиерот порачува дека „НАТО и ЕУ треба да го задржат својот кредибилитет за да го зајакнат регионот“, а политиката на отворени врати е историски успех кој обезбедува мир и безбедност на целиот европскиот континент.
„Оваа политика мора да продолжи за да се обезбеди интеграција на регионот, безбедност и стабилност на Западен Балкан. Долгорочното одложување на европската интеграција влијае на евроскептицизмот и недовербата во целина. Треба да ги надминеме регионалните спорови. Ова денес е прашање на безбедност, а не на економија. Проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста. Ќе ја стабилизира демократијата. Многу е важно Северна Македонија и Албанија да ги започнат пристапните преговори со ЕУ без одлагање“,
вели премиерот.
Ковачевски истакнал дека ако ЕУ покаже отсуство и слабост на Западен Балкан, трети страни ќе имаат повеќе можности да ја пополнат празнината, која е од особено геостратешко значење.
На прашањето за бугарското вето и односите со Софија, вели дека постои добра комуникација со премиерот Петков и „искрена волја за решавање на спорот“.
„Формиравме работни групи во повеќе области и потпишани се меморандуми за разбирање, но и спроведени се суштински активности кои ги зближуваат нашите народи и ќе обезбедат социјален и економски развој. Го намаливме говорот на омраза на минимум и официјалната комуникација Софија- Скопје се развива со меѓусебно почитување и во духот на европските вредности. Ова беше клучот за смирување на тензиите за да работиме на заемно прифатливо решение. Верувам дека оваа нова рамка ќе ни овозможи да гледаме кон иднината и да ги решиме предизвиците што е можно поскоро“,
вели Ковачевски.
