Во честитката за 1 Мај, премиерот зборува за инвестициите и новите работни места кои биле отворени изминатиот период, а тука ја споменува и изградбата на коридорите 8 и 10-д кои, вели, ќе отворат 8 000 работни места и ќе обезбедат номинален раст на БДП за два отсто во наредните пет години

За Вас вратите во Владата се секогаш отворени. Заедно, рамо до рамо, ќе ги решаваме сите предизвици, а во мене и во Владата вие секогаш ќе имате сојузник, вели премиерот Димитар Ковачевски во честитката до работниците по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.
Во честитката премиерот вели дека работниците и во услови на најголема економска и енергетска криза со својот труд обезбедиле стимул и развој на државата, а се осврнува и на дел од мерките што ги донела неговата влада, како што е зголемување на минималната плата.
„Денес, минималната плата е над 20 000 денари, што е зголемување од 100 отсто во однос на 2016 година. Предвремено го исполнивме ветувањето за просечна плата над 500 евра, а и ги зголемивме платите во образование, во здравство и во безбедносните сектори. Поставивме здрава основа и затоа и минималната и просечната плата, континуирано ќе растат. Го почитуваме и цениме трудот на секој работник и поради тоа, денес ние веќе не сме дестинација со евтина работна сила“,
вели Ковачевски.
Инвеститорите денес, додава тој, ја препознаваат стабилноста и можноста за раст и развој на државата која е земја членка на НАТО и која ги почнала преговорите со ЕУ.
Зборувајќи за инвеститорите, тој вели минатата година имало нови инвестиции од над 430 милиони евра и 2 300 нови работни места.
Нови работни места, вели тој, ќе отвори и изградбата на коридорите 8 и 10-д.
„Со реализацијата и изградбата на коридорите 8 и 10-д, овозможуваме нови 8 000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните 5 години“,
вели премиерот.
Во дел од честитката, Ковачевски потсетува и дека неговата влада донела неколку пакети антикризни мерки во износ од 760 милиони евра.