Лани, премиерот во консултација со Бектеши и со Стопанската комора, одлучил дека поради искуството и посветеноста не треба во пресрет на енергетската криза да се менува менаџментот на ЕСМ. Утрово директорот го информирал премиерот дека сега сака да си замине, а утре и писмено ќе ја достави оставката

Директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, утрово го информирал премиерот Димитар Ковачевски дека се повлекува од функцијата. Утре, пак, тој и писмено ќе ја достави оставката и таа ќе биде усвоена на наредната владина седница.
„Господинот Ковачевски ме информираше дека заради лични причини поднесува оставка од генерален директор. Оваа тема ја имаме разговараме уште минатата година во однос на потребата да се посвети повеќе на своето семејство. Утрово до мене, усно, а утре и писмено ќе ја достави оставката и на следната седница ќе биде усвоена“,
рече Ковачевски.
Премиерот рече дека Ковачевски од ЕСМ не се повлекол уште лани поради кризата. За неговата желба да си оди бил информиран и Советот за безбедност, но поради кризата, во консултација со министерот за економија Крешник Бектеши и со Стопанската комора, тој одлучил актуелното раководство да остане.
„Неговата одлука беше донесена од поодамна уште пред почетокот на кризата, за што го информирав Советот за безбедност, но тогаш заедно со министерот за економија, а во консултација и со претседателот на Стопанската комора одлучивме дека менаџмент тимот што управуваше дотогаш треба да управува и во текот на кризата заради искуството, посветеноста и одржување на континуитет во работењето и тоа се покажа како исправна одлука“,
рече премиерот Ковачевски.
Директорот Ковачевски веројатно ќе остане да работи во ЕСМ. Тој на прес-конференција во Владата рече дека прво ќе користи 20 дена годишен одмор, по што со новото раководство ќе одлучат каков ќе биде неговиот ангажман во државната компанија каде беше вработен и претходно.