„Тие треба да ги соопштат своите кандидати и да ги достават до Владата и до Собранието подоцна за да можат да бидат избрани, така што тоа е воспоставена процедура, а секако дека ќе се сретнеме за да поразговараме околу другите елементи за изборите“, вели премиерот

Се уште не е прецизиран датумот за средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, која се најавува изминатиот период.
Ковачевски вели дека на таа средба со Мицкоски нема да разговараат за кадровските решенија со кои ќе учествуваат во техничката влада.
Според Ковачевски, секоја партија ги дава своите кадровски решенија во техничка или која било друга коалициска влада.
„По својата форма и суштина, оваа влада е коалициска во која ќе учествува и опозицијата со точно определени ресори според Законот за избори и Законот за Влада“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Ковачевски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги соопшти своите кандидати за техничката влада и да ги достави до Владата и Собранието.
„Тие треба да ги соопштат своите кандидати и да ги достават до Владата и до Собранието подоцна за да можат да бидат избрани, така што тоа е воспоставена процедура, а секако дека ќе се сретнеме за да поразговараме околу другите елементи за изборите“,
рече Ковачевски.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по вечерашниот состанок, донесе одлука дека партијата ќе учествува во техничката влада, односно ќе именува лица што треба да бидат министри и заменици министри, но заземале и став да се воздржат од гласањето на техничката влада, која, како што додаде потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски „под водство на Талат Џафери од ДУИ, нема никаков легитимитет, истата е само коалициски договор помеѓу СДСМ и ДУИ“.
Во однос на тоа кои лица ќе бидат предложени за учество во техничката Влада, Муцунски рече дека се очекува Централниот комитет на партијата да го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од таа влада.
Крајниот рок до кога ќе се знаат членовите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада е крајот на јануари, но според очекувањата, по празникот Водици веќе ќе има некоја поголема извесност за кој ќе бидат и двајцата министри и тројцата дополнителни заменици-министри.
Владејачкиот СДСМ, на крајот на минатата година, на седница на Централниот одбор (ЦО) ги утврди кандидатите за министри, заменик-министри и дополнителни заменик-министри од редовите на партијата во техничката влада со која, на сто дена пред парламентарните избори, ќе раководи актуелниот собраниски спикер Талат Џафери.
За кандидати за министри од редовите на СДСМ во техничката влада, предложени се истите луѓе кои и сега се на овие позиции во министерствата.
Централниот одбор на СДСМ меѓу другото, ја потврди одлуката на Извршниот одбор на партијата од почетокот на декември и актуелниот координатор на пратеничката група во парламентот, Јован Митрески, го утврди за кандидат за претседател на Собранието во периодот на техничката влада.