На средбата со словачката претседателка Зузана Чапутова, премиерот Ковачевски и вицепремиерот Груби ја истакнале важноста на поддршката од Вишеградската група и споделените искуства во процесот на интегрирањето на Северна Македонија во НАТО, која е оценета како значајна и во процесот за ЕУ
По средбата со претседателот Стево Пендаровски, претседателката на Словачката Република, Зузана Чапутова, оствари средба и со премиерот Димитар Ковачевски, на која била потенцирана отворената поддршка на Словачка во однос на европските перспективи на земјите од Западен Балкан.
Во таа насока, како што информираа од прес-центарот на Владата, изразена е силна поддршка од Република Словачка за процесот на преговори и за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.

На средбата, Ковачевски се заблагодарил за пријателство со Словачка и придонесот во остварувањето на стратегиските евроатлантски цели, во реформските процеси, како и во важни моменти за граѓаните, како што е помошта во здравството за време на пандемијата.
„Премиерот Ковачевски и вицепремиерот Груби ја истакнаа и важноста на поддршката од Вишеградската група и споделените искуства во процесот на интегрирањето на Северна Македонија во НАТО, којашто е оценета како значајна и во процесот за ЕУ“,
се вели во владиното соопштение.
На средбата била изразена заедничката подготвеност земјите да ги унапредат билатералните односи во областа на економијата и како партнери во НАТО, во справувањето со сите актуелни предизвици.
„Посветено е посебно внимание на состојбите во енергетиката на светско ниво, што се рефлектираат врз државите, при што се разгледани нови можности за енергетско поврзување, а е заеднички оценета потребата за тесна соработка на ЕУ и земјите од Западен Балкан, во потенцијалните решенија“,
додаваат од владата.
Претходно денеска, словачката претседателка се сретна и со шефот на државата, Стево Пендаровски.
По тет-а-тет средбата што ја остварија, Пендаровски порача дека за Северна Македонија се добредојдени словачките искуства од процесот на пристапување кон Унијата кои, како што рече, сигурно ќе ни бидат од голема помош во тој процес.
Словачката претседателка Чапутова, пак, ги поздрави сите чекори што Северна Македонија ги презема за приближување кон Европската Унија и посочи дека за тоа се потребни големи напори, но и политичка храброст.
