Двајцата соговорници, како што соопштија од Владата, оцениле дека војната во Украина го истакна значењето на евроатлантските интеграции на Југоисточна Европа и на европската иднина на земјите од регионот

Отворањето преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ ќе биде мотивација и охрабрување и за другите држави од регионот да продолжат со реформите по европскиот пат, што се покажа важно и во регионални рамки – и за Европа, соопштија од Владата по средбата на премиерот Димитар Ковачевски со генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу.
Премиерот, според соопштението, ја информирал Брегу и за разговорите што се водат со бугарскиот премиер Кирил Петков, како и за активностите на Владата за надминување на кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина.
„Премиерот Ковачевски рече дека се водат принципиелни разговори со премиерот Петков, а дека Владата е фокусирана на надминување на предизвиците од војната во Украина преку историското зголемување на минималната плата, покачувањето на пензиите, поддршката на граѓаните во делот на сметките за електрична енергија, односно кон поддршката на стандардот на граѓаните и на компаниите за што е донесен и сет антикризни мерки“,
велат од Владата.
Ковачевски и Брегу зборувале и за важноста на регионалната соработка, како придонес во стабилноста и безбедноста на регионот, како и за воспоставувањето заеднички регионален пазар и со тоа унапредување на економиите во државите.
„Заеднички констатирано дека неопходно е да има синергија меѓу државите во регионот, на патот на нивниот развој. Исто така, заеднички е оценето дека војната во Украина го истакна значењето на евроатлантските интеграции на Југоисточна Европа и на европската иднина на земјите од регионот“,
додаваат од Владата.
