Во рамки на состанокот на Европската политичка заедница денеска во Гранада, премиерот кажа дека разговарал одвоено со Александар Вучиќ и Вјоса Османи. Порача дека Србија и Косово треба да бидат за мир и да направат сè за да ги направат вистинските чекори за, како што рече, безбедна иднина на своите граѓани, но и за стабилноста на целиот регион
Ако нема мир, нема да има ниту Отворен Балкан ниту Берлински процес, а по слична аналогија ќе треба да се преиспитуваат и други меѓународни организации и иницијативи коишто вклучуваат голем број на земји. Ова, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција по завршувањето на Самитот на Европската политичка заедница во Шпанија го изјави премиерот Димитар Ковачевски.
„Можам да кажам дека мирот и стабилноста се суштина за која било регионална иницијатива чија цел е пред сè економски просперитет, но и надминување на ограничувањата и предизвиците помеѓу земјите“,
изјави Ковачевски

Премиерот говореше за последните тензии помеѓу Србија и Косово и ја прокоментира изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој кажа оти земјава треба да го преиспита учеството во иницијативата Отворен Балкан ако се докаже дека Србија на каков било начин е вмешана во нападот на косовската полиција во Бањска.
„Министерот Османи појасни дека ставот го има дадено од позиција на потпретседател на политичка партија, а ставот на Владата останува непроменет дека како држава имаме конструктивна улога и учество во сите регионални иницијативи вклучувајќи го и Отворен Балкан, сè додека тие иницијативи носат конкретни придобивки за граѓаните, за државите, за економите и за бизнисите на земјите“,
рече Ковачевски.
Меѓутоа, посочи премиерот, останува оценката дека за да има успешни регионални иницијативи прво мора да има мир, стабилност и да има почитување помеѓу сите соседни земји коишто учествуваат во тие иницијативи.
„Навистина верувам дека овој регион може многу повеќе и може многу подобро и стоиме на располагање на сите процеси со нашето искуство и со реална поддршка се со цел да се обезбеди мир и стабилност во регионот кој треба и мора што поскоро да биде дел од ЕУ. Ние како земја сме многу јасен пример дека преку активен и отворен дијалог се решаваат сите отворени прашања и дома, меѓутоа и со соседите“,
посочи премиерот.
Во рамки на состанокот на Европската политичка заедница денеска во Гранада, Ковачевски кажа дека разговарал одвоено со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Вјоса Османи. Порача дека Србија и Косово треба да бидат за мир и да направат сè за да ги направат вистинските чекори за, како што рече, безбедна иднина на своите граѓани, но и за стабилноста на целиот регион.
За десет дена, рече Ковачевски, ќе бидеме во Тирана која оваа годна е домаќин и претседава со Берлинскиот процес, и „замислете каков ќе биде тој состанок на којшто треба на иста маса да седат претставници на земји коишто помеѓу себе имаат проблем во елементарната комуникација“.
„Еве, уште еднаш апел од Северна Македонија како земја сосед, конфликтите да се решаваат во рамки на веќе потпишаните договори коишто земјите ги имаат со цел подобра иднина за сите држави во нашиот регион“,
изјави Ковачевски.
