„Во однос на формирањето анкетна комисија, имав и официјално барање од претседателот Гаши и јас писмено се произнесов. Она што беше барање од страна на претседателот на Собранието ги опфаќаше речиси истите прашања за кои и Јавното обвинителство води постапка“, изјави денеска државниот јавен обвинител
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски смета дека во Собранието не треба да има анкетна комисија за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани бидејќи, како што вели, на тој начин може да се компромитира судската постапка за случајот што е во тек.

Како што кажа Коцевски одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на денешната седница на Советот на јавни обвинител, чиј член е по службена должност, тој својот став за анкетната комисија му го соопштил и на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Во однос на формирањето анкетна комисија, имав и официјално барање од претседателот Гаши и јас писмено се произнесов. За мене лично сметам дека во оваа фаза не треба да има анкетна комисија имајќи предвид дека одредени докази и сведоци може да се компромитираат со оглед дека се води судска постапка, а она што беше барање од страна на претседателот на Собранието ги опфаќаше речиси истите прашања за кои и Јавното обвинителство води постапка“,
рече Коцевски.
Од тие причини, додаде тој, смета дека во овој момент не е целисходно да се водат две паралелни постапки.
Инаку, прашањето до Коцевски беше во контекст на денешната седница на Постојаната анкетна комисија за човекови права, како и постојаните дилеми на родители на загинати во „Пулс“ дали истрагата на Јавното обвинителство е сеопфатна, имајќи предвид дека за осомничените полициски службеници сè уште нема обвинение.
Државниот јавен обвинител не се согласува дека постапката на Обвинителството била нецелосна и неуверлива и дека затоа сега има иницијатива до одговори да се дојде преку анкетна комисија во Собранието.
„Па не би рекол така, и сами знаете дека беше многу опфатна, се ангажираа многу обвинители и донесоа јавнообвинителска одлука против обвинети кои сега се и опфатени во самото обвинение“,
рече тој.

Во врска со постапката против полициските службеници осомничени во врска со „Пулс“, Коцевски повтори оти очекува јавнообвинителска одлука во првата половина на овој месец.
„Отприлика некаде до крајот на првата половина на месец декември, да се надеваме дека ќе се донесе и јавнообвинителска одлука имајќи предвид дека ‘предметот’ го работи само еден јавен обвинител, а предметот е навистина сложен и комплициран“,
кажа тој.
Додаде и дека во Основното јавно обвинителство Кочани е во тек истрагата против 11 лица, меѓу кои и вработени во Управата за јавни приходи и даночни контролори кои се товарат дека давале информации за контроли во т.н. кабаре, кои по правило би требало да бидат ненајавени, а дел од нив, според Обвинителството, добивале и мито за тоа.
Истрагата против службеници во УЈП, Основното јавно обвинителство Кочани ја отвори на 20 ноември и во неа се опфатени вкупно 11 лица.
Инаку, покрај Постојната анкетна комисија за човекови права која денеска заседава, Собранието минатата недела со мнозинство гласови изгласа да биде формирана ад хок анкетна комисија, која покрај трагедијата во Кочани ќе ги разгледува и случаите со пожарот во модуларната болница во Тетово и двете несреќи со автобусите на „Дурмо турс“ и „Беса транс“.
