Тој кажа дека од почетокот говорел оти одлуката за негово разрешување е политичка, но како што рече, таа е и незаконска. Доказ за тоа, додаде, е и тоа што поканата за негово присуство ја добил еден час пред собраниската седница
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, на прес-конференција во очи собраниската седница за негово разрешување, соопшти дека денеска си поднел неотповиклива оставка од функцијата.

Тој кажа дека од почетокот говорел оти одлуката за негово разрешување е политичка, но, како што рече, таа е и незаконска. Доказ за тоа, додаде, е и тоа што поканата за негово присуство ја добил еден час пред собраниската седница.
„Не ми беше дадено време за да се подготвам за обраќање пред пратениците“,
рече Коцевски.
Тој посочи дека утрово ја добил само поканата за присуство, но не и предлогот на Владата за негово разрешување.
„Заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите нврзс кои почива правната држава“,
кажа државниот јавен обвинител во оставка.
Јавниот обвинител во оставката наведува дека негово разрешување се барало, не затоа што сторил крупна дисциплинска повреда, туку затоа што јавно говорел дека Обвинителството работи во тешки услови, без доволно кадар и ресурси. А, тоа, како што посочи Коцевски, е поради недоволните средства што Јавното обвинителство ги добива од државниот буџет за што одлучува Владата.
