За кривичната пријава што скопската градоначалничка вчера ја поднесе до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против градоначалникот и дел од администрацијата на Општина Чаир, републичкиот јавен обвинител рече дека пријавата ќе се процесира во најбрз можен рок
За сите пријави за дивоградби во општина Чаир како и на територијата на цела држава се поставува во предистраги и истраги, изјави денеска републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но не можеше да посочи конкретни бројки за колку предмети станува збор.

Темата со дивоградбите во општина Чаир се актуализираше изминатиот месец и половина откако скопската градоначалничка Данела Арсовска почна со обиколки во оваа општина, детектирајќи, како што објави, нелегални објекти кои биле изградени неодамна, а биле легализирани како да се изградени пред 2011 година до кога важеше Законот за легализација на вакви објекти.
Коцевски, одговарајќи на новинарско прашање пред денешната седница на Советот на јавни обвинители чиј член е по службена должност, потсети дека по жалба на Основното јавно обвинителство вчера била заменета мерката куќен со ефективен затворски притвор за лицето што ја нападна скопската градоначалничка на 11 јули во Чаир.
„Околу дивоградбите имаме неколку предмети. Имаме предмети во истрага, имаме предмети во предистрага. За последните случувања, знаете, вчера судот по жалба на јавното обвинителство определи притвор за потенцијалниот сторител на кривичното дело што значи Јавното обвинителство и понатаму ќе постапува по секоја кривична пријава или евентуално по секој поднесок во врска со дивоградбите“,
рече Коцевски.
Во таа насока, тој додаде оти не се сомнева дека јавните обвинители ќе постапуваат, како што кажа, правилно во секој од предметите.
За кривичната пријава што скопската градоначалничка вчера ја поднесе до Обвинителството за организиран криминал и корупција, републичкиот јавен обвинител кажа дека пријавата ќе се процесира во најбрз можен рок.
„Старите (предмети) се во тек, што значи дека по собирање на доказите ќе се донесе јавнообвинителска одлука. Затоа, реков истрага има, така што ќе се постапи“,
рече државниот јавен обвинител.
Кривичната пријава што вчера ја поднела Арсовска, како што вчера објави Телевизијата 24, е против градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и неколку вработени во општинската администрација. Во неа, според информациите, било наведено дека општината користи фалсификувана деловна книга во која се водат барања за легализации на дивоградби. Дополнително, стои дека граѓаните кои навремено поднесувале барања за легализација на балкони или делови од куќи биле одбивани од општината, но нивниот број за легализација бил злоупотребуван за други дивоградби кои се изградени и по десет години од престанокот на важноста на роковите за легализација согласно Законот за легализација на дивоградби.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека полициски службеници од повеќе оддели на Министерството за внатрешни работи (МВР) влегле во повеќе општини во рамки на Градот Скопје, постапувајќи по конкретни наредби дадени од јавен обвинител, а поврзани со бесправна градба.
Како што информира министерот, полицијата влегла во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода цел обезбедување докази за бесправна градба, но рече оти засега не може да сподели детали во врска со прибавени официјални документи од страна на општините бидејќи во станува збор за тековни активности по кои секојдневно се постапува.
„Доколку се утврди дека станува збор за дивоградба, дека истата претставува опасност по животот на граѓаните, секако дека треба да биде предмет на уривање“,
гласеше одговорот на Тошковски на прашањето што ќе се прави со одредени објекти доколку се утврди дека се незаконски изградени.