Според првичните сознанија на Обвинителството, лицата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, како и давање и примање мито. Предистражната постапка, како што рече државниот обвинител, е поврзана со предметот за Кочани, но не може да се спои со овој предмет бидејќи не е поврзан со штетната последица
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потврди дека се приведени десетина вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) и дека во моментов се вршат претреси на повеќе локации. Предистражната постапка, како што рече Коцевски, е поврзана со предметот за Кочани, но ќе се води одделно, во кочанското обвинителство.

„Предметот во моментов е заведен во кочанското обвинителство имајќи предвид дека местото на извршување е тоа подрачје. Доколку излезе нешто ново за некое кривично дело, предметот евентуално може да се пренесе во ОЈО ГОКК. Меѓутоа, од првичните сознанија од кривичната пријава произлегува дека надлежно е ОЈО Кочани“,
изјави државниот јавен обвинител.
Според првичните сознанија на Обвинителството, лицата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, како и давање и примање мито.
„Овој предмет не може да се спои со сегашниот предмет за Кочани затоа што овде не е поврзаноста со штетната последица, односно смрт. Ова се кривичи дека за злоупотреба, давање и примање поткуп што нема врска со овој кривично правен-настан односно со предметот за Кочани кој во моментов е во тек“,
додаде Коцевски.
Обвинителот рече дека во овој момент не може да открие на кои позиции во УЈП се лицата опфатени во постапката бидеќи сè уште се земаат генералии, а повеќе детали најавува во текот на денот. Коцевски додава дека според неговите информации, Обвинителството ќе предложи одредени мерки за приведените.
На новинарско прашање за која година се однесуваат направените злоупотреби со оглед на рокот на застарување, државниот јавен обвинител вели дека доколку биле застарени, Обвинителството не би презело никакви дејства.
„За кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување рокот е за последните пет години или последните три, а во однос на другите кривични дела за поткуп, рокот е поголем. Доколку има застареност во овие кривични дела, тогаш обвинителот нема ниту да презема никакви дејства“,
изјави Коцевски.
Претходно денеска од МВР соопштија дека полициски службеници од СВР Штип, ОВР Кочани во соработка со Одделот за криминалистичка полиција по насоки на ОЈО Кочани преземаат повеќе активности на неколку локации низ државата, без да откриваат детали за акцијата и бројот на инволвирани лица.
