Тој не верува оти периодот до првостепената одлука ќе биде долг бидејќи постојат определени рокови
Во однос на иницијативите за формирање анкетна комисија во Собранието за трагедијата во „Пулс“, Коцевски порача дека политиката треба да ги тргне рацете од оваа судска постапка

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски очекува транспарентна и брза постапка за судскиот процес за пожарот во т.н кабаре „Пулс“ во Кочани, кој започна денеска. Тој нагласи дека динамиката на судењето ја определува судот, а Обвинителството ги исполнило сите услови и ангажира дополнителни обвинители за да се избегне одолговлекување.
Во интервју за Дневникот на ТВ Сител, Коцевски истакна дека не верува оти периодот до првостепената одлука ќе биде долг бидејќи постојат определени рокови.
Државниот обвинител образложи и зошто постапката не била раздвоена, иако станува збор за голем број обвинети.
„Погрешно е гледањето дека Обвинителството оставило простор за одолговлекување, бидејќи се работи за 35 обвинети кои мора да бидат опфатени во истиот предмет, покрај три правни лица. Доколку постапката би се раздвоила, едните обвинети би можеле да бидат сведоци во друга постапка, а истите докази би се повторувале, што би довело до поголемо одолговлекување“,
рече Коцевски.
Тој посочи дека тимот јавни обвинители одлучиле да водат една постапка против сите, сметајќи го тоа за најцелисходно решение.
Коцевски посочи дека досега имале три средби со родителите на жртвите во „Пулс“, последната била минатата недела, и оти тие се запознаени со сите аспекти на обвинението, им ги објасниле сите околности, текот на постапката и одговориле на сите нивни спорни прашања.
Во однос на иницијативите за формирање анкетна комисија во Собранието за трагедијата во „Пулс“, Коцевски порача дека политиката треба „да ги тргне рацете од оваа постапка затоа што се води судска постапка“.
Според него, формирањето на таква комисија не би било целисходно и потребно во овој момент, но може да се формира по завршување на судскиот процес за да се бара политичка одговорност.
Коцевски, исто така, нагласи дека досега немало никаков притисок врз Обвинителството при формирањето на обвиненијата.
„Од она што го знам од тимот на јавните обвинители, никој досега на никого нема вршено притисок, ниту на мене, ниту на нив. Морам да нагласам дека во двете постапки е постапувано по кривична пријава на Министерството за внатрешни работи, тоа е дополнителен факт кој може да се меша во јавнообвинителните одлуки на ЈО. Јавното обвинителство, како и досега, нема да врши никаква селекција во однос на потенцијални нови обвинети. За тие што има докази ќе има подигнато обвинение“,
рече Коцевски.
Обвинителот соопшти дека се при крај истражните постапки за околу 30 полициски службеници и очекува првата јавнообвинителска одлука да биде донесена во првата половина на декември. Во тој период се очекува да биде завршена и предистражната постапка за лица вработени во Управата за јавни приходи.
