„Сите овие пораки се испратени до одбраната, сите овие пораки се испратени до судот. Сите овие пораки ги имаше и Министерството за внатрешни работи, меѓутоа тоа се многу малку пораки во однос на она што Обвинителството располага во моментов. Има таму можеби уште десет инкриминирачки дејствија, што значи дека постапката воопшто не е ниту затворена, не само во однос на УЈП“, рече државниот јавен обвинител одговарајќи на новинарски прашања во врска со текстуалните пораки и сознанијата што ги објави ИРЛ
Во однос на другиот предмет за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ што го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против 13 полициски службеници и за кој сè уште нема обвинение, Коцевски рече дека тоа е така затоа што на предметот работи само еден јавен обвинител. Причината за тоа, како што даде, е недостатокот на кадар во јавните обвинителства, ситуација, која, додаде, ќе продолжи во наредните три и пол години
Со поднесувањето на обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, не завршија и истражните постапки за други инкриминирачки дејствија поврзани со други лица и институции, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Тој ова го кажа денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со сознанијата и текстуалните пораки што викендов ги објави Истражувачката репортерска лабораторија, а кои откриваат дека инспектори во Управата за јавни приходи (УЈП), Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и полициски службеници во Министерството за внатрешни работи (МВР) имаат блиска комуникација со сопствениците на т.н. кабаре, а кои упатуваат на коруптивни дејствија.
Дополнително, едно од лицата што се јавува во комуникацијата, а кое е државен службеник, е брат на Даниела Димовска, актуелна в.д. претседателка на Основниот кривичен суд Скопје, каде со одлука на Врховниот суд треба да се суди предметот за пожарот во Кочани.
Текстуалните пораки што ги објави ИРЛ, како што изјави Коцевски, се само дел од доказите што ги поседува Јавното обвинителството и кои се дел од предистражната постапка што во моментов со води против, како што рече обвинителот, повеќе институции, но не сакаше да открие кои бидејќи предистражната постапка е тајна.
Во моментот на поднесување на обвинението, како што рече државниот јавен обвинител, немало докази во однос на инспектори во Управата за јавни приходи. Ова наведува на заклучок дека тие на површина испливале подоцна, што и самиот Коцевски во еден дел од неговите одговори на новинарските прашања го наведе. Имено, тој рече дека докази стигнале и во јули годинава, неколку недели по поднесувањето на обвинението за „Пулс“.
„Јавното обвинителство уште од почетокот постапуваше по поднесена кривична пријава. Меѓутоа Јавното обвинителство водеше и предистражна постапка и во однос на сите останати други институции, што значи дека во моментот на подигање на обвинение, немаше докази во однос на инспектори во УЈП. Меѓутоа предистражната постапка беше отворена веднаш и таа сè уште трае, со тоа што со завршување на обвинението не значи дека заврши и постапката за Кочани. Еве вчера имав состанок со обвинителите и овие податоци што беа изнесени од страна на Истражувачката репортерска лабораторија не се ништо нови. Сите овие пораки се испратени до одбраната, сите овие пораки се испратени до судот. Сите овие пораки ги имаше и Министерството за внатрешни работи, меѓутоа тоа се многу малку пораки во однос на она што Обвинителството располага во моментов. Има таму можеби уште десет инкриминирачки дејствија, што значи дека постапката воопшто не е ниту затворена не само во однос на УЈП, туку и на евентуално други институции и тука она што беше кажано сметам дека беше избрзано, имајќи предвид дека истражувачите на (ИРЛ) не побараа информации од Обвинителството“,
изјави денеска Коцевски.
На прашањето дали дел од оваа предистражна постапка се и посочените инспектори во документарниот филм на ИРЛ, државниот јавен обвинител повторно укажа дека постапката во оваа фаза е тајна, но додаде, „можете да насетите дека предмет на предистрага не се само овие, туку и други институции“.
„Пак ќе повторам, ова сè што беше објавено е дадено легално на одбраната, на обвинетите и на судот, тоа се докази коишто мора да се дадат и мораа да се дадат во таква форма имајќи предвид дека одбраната може да приговара на евентуално сечење, лепење, монтирање итн. и мора да има континуитет. Постапката е отворена и понатаму се води“,
рече Коцевски.

Државниот јавен обвинител се повика на тајноста на предистражната постапка и во одговорот на прашањето дали Обвинителството истражува некакво влијание во постапката имајќи го предвид тоа што едно од лицата што се јавуваат во комуникација со синот на сопственикот на „Пулс“ е брат на в.д. претседателката на Кривичен.
„Не можеме да ви кажеме ниту евентуално кои би биле потенцијални сторители на кривични дела, меѓутоа сметаме дека ја запаметивте мојата изјава на почетокот, кога реков дека ова е ерозија на системот. И останувам на тоа и ценам дека јавните обвинители, верувајте, ама верувајте дека нема да пропуштат ниедно дејствие, ниту дека некој потенцијален сторител што извршил некакви инкриминирачки дејствија нема да биде опфатен со истражни дејствија“,
рече републичкиот јавен обвинител.
Во однос на другиот предмет за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ што го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против 13 полициски службеници и за кој сè уште нема обвинение, Коцевски рече дека тоа е така затоа што на предметот работи само еден јавен обвинител. Причината за тоа, како што додаде, е недостатокот на кадар во јавните обвинителства, ситуација, која, рече, ќе продолжи во наредените три и пол години.
„По другиот предмет постапува само еден јавен обвинител. Причината зошто е така, е затоа што сè уште немаме доволно јавни обвинители, односно сè уште имаме 70 јавни обвинители помалку. Наредните три и пол години така ќе биде и од тие причини, со оглед дека е еден јавен обвинител, постапката се води подолго време, меѓутоа таа ќе заврши наскоро“,
рече Коцевски, кој, одговарајќи на дополнително прашање, каже дека во моментов роковите поврзани со постапката во овој предмет се запазени.
Прашан во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера коментирајќи ги наводите објавени во документарниот филм на ИРЛ, меѓу другото, рече дека не е задоволен од работата на државниот јавен обвинител, Коцевски рече оти не сака да навлегува во политички изјави, а за јавните обвинители рече дека се многу внимателни и работат многу професионално.
„Политиката е една работа, работата на Јавното обвинителство е сосема друга. Јас и понатаму ќе работам чесно и законито, а другото го оставам на политичарите“,
рече Коцевски.
За потсетување, Истражувачката репортерска лабораторија во неделата објави документарен филм со наслов „Нашиот морален компромис“, во чии 22 минути и 30 секунди се објавени нови снимки и сведоштва на родители на загинати млади и лица кои биле во објектот кобната вечер.
Во сторијата ИРЛ објави и, како што се тврди во материјалот, текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според ИРЛ, комуникацијата што ја добиле од свиркач покажува дека дел од инспекторите ги информираат сопствениците на објектот кога ќе има контроли во него, а може да се види и комуникација која имплицира дека се разговара за часовник како подарок за еден од државните службеници. Текстуалните пораки што ги објави ИРЛ, исто така, наведуваат дека инспекторите од МВР со кои комуницирале сопствениците на „Пулс“ барале привилегии, меѓу кои и да имаат резервирани маси во т.н. кабаре.
Како што забележуваат новинарите на ИРЛ, овие државни службеници не се меѓу лицата за кои е поднесено обвинение, кое сè уште не е оценето од надлежниот Совет на Основниот кривичен суд Скопје.