Политиката ја оставам на политичарите и ќе употребам еден тежок збор, а тоа е пркос, пркос кон предметите за кои во моментов ве уверувам дека имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд – вели државниот јавен обвинител еден ден откако Собранието ја изгласа интерпелацијата за неговата работа
Нема да поднесам оставка, туку уште повревносно ќе се посветам на работата. Ова во интервју за „Вечер прес“ го изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски откако пратениците со 71 глас „за“ вчера ја изгласаа интерпелацијата за неговата работа, која ја поднесе опозициската Левица.

Рече дека не успеал да ја следи целата расправа во парламентот поради многуте обврски во Обвинителството, особено за неколкуте големи случаи по кои се постапува, а за кои вели дека постојат многу цврсти докази.
„Политиката ја оставам на политичарите и ќе употребам еден тежок збор, а тоа е пркос, пркос кон предметите за кои во моментов ве уверувам дека имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд – ‘Онкологија’, случај за кој и лично чувствувам обврска да го докажеме, потоа случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов, докажуваме криминал тежок 90 милиони евра, потоа убиствата причинети од криминалните пресметки и секако случајот за кој се обврзав пред семејствата дека ќе има правна завршница, а тоа е пожарот во дискотеката ‘Пулс’. Обезбедивме илјада докази за два и пол месеци срочени во обвинение за сторено кривично дело тешки дела против општата сигурност, сега зависи од судот за колку време случајот ќе има судска разрешница“,
вели Коцевски во интервјуто.
На прашањето како да се убедат граѓаните дека Обвинителството води сериозна борба против организираниот криминал и корупцијата кога главните осомничени во последните милионски кражби се во бегство, Коцевски вели дека ниту еден од „бегалците на правдата“ не е во бегство поради одговорност на Обвинителството.
Напротив, вели Коцевски, напредокот на Обвинителството во борбата против сериозните облици на криминал е нотиран и во последниот извештај на Европската комисија.
„Таму се истакнува Упатството за давање приоритет на предметите од областа на корупцијата кое го донесов и е задолжително за сите јавни обвинители, како и функционалноста на четирите истражни центри во обвинителствата во Скопје, Тетово, Куманово и ОЈО ГОКК, кои сега работат со полн капацитет. Неделава отвораме истражен центар и во ОЈО Битола бидејќи и во тоа Обвинителство во изминатиот период имаше неколку предмети за сериозни облици на корупција. Затоа би рекол дека и Европската комисија веќе препознава сериозен исчекор во борбата што Обвинителството ја води со корупцијата која ни ја разјадува државата, и покрај недоволните ресурси кои му се ставаат на располагање за таа намена“,
вели државниот јавен обвинител.
Одговарајќи на прашање во контекст хрватското законодавство, кое најстрого забранува притисок врз обвинителите од лица од позиција на моќ на друга власт, Коцевски вели дека лично не дозволува никој да му врши притисок и ги охрабри своите колеги да бидат отпорни и да го одбиваат и пријавуваат секој обид за влијание.
„Меѓутоа, искористувањето на медиумите и на јавноста воопшто за политички притисок врз правосудството не е исклучено и кај нас. Потенцирањето на оние фамозни 2 проценти доверба во правосудството за кои никој не знае како се утврдени е токму со таква цел. Иако, ете, на пример, во тек е нова анкета на Светската банка во која прелиминарните резултати веќе покажуваат многу поинакви бројки и која се надевам дека наскоро ќе биде и јавно презентирана. Моќта на медиумите и на социјалните мрежи за притисок врз правосудството не е занемарлива, а тоа веќе започнува да го користи и одбраната во дел од предметите, па обвинетите ангажираат и цели ПР-тимови за да се обидат да прикажат поинаква слика од реалната што се случува во судница и со тоа да влијаат на судската одлука. Затоа, од тој аспект, хрватското законско решение ми се чини логично“,
вели Коцевски.