Обвинителството, врз основа на договорот, ќе добие директен електронски пристап до базите на податоци на МВР за државјанство, за моторни возила, за живеалиште и престојувалиште и за поседување оружје
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потпишале договор за соработка и размена на податоци во електронска форма меѓу двете институции.

Според договорот, Обвинителството, како што информираат оттаму, ќе добие директен електронски пристап до базите на податоци кои ги води Министерството за внатрешни работи (МВР) за државјанство, за моторни возила, за живеалиште и престојувалиште и за поседување оружје.
„Со договорот се воспоставува меѓуинституционална размена на податоците во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, при што се уредува формата на поединечните барања врз основа на кои ќе се врши електронската размена и описите на регистрираните сервиси кои можат да бидат предмет на електронска размена“,
се вели во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Во него се додава дека по потпишувањето на договорот, Коцевски и Тошковски разговарале и за повеќе тековни прашања од областа на координацијата меѓу двете институции во насока на ефикасно гонење на сторителите на кривични дела.

За потпишувањето на договорот, преку соопштение со идентична содржина, информираа од Министерството за внатрешни работи.