„Влеговме во една финансиска обврска и сметаме дека е подобро да се преиспитаме дали може проектот да го ставиме на брза лента, да не плаќаме пенали, да се ангажира ’Бехтел и Енка’ со целокупната нивна машинерија за да се заврши овој проект и видливи се резултатите во последните три месеци“, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта

Сосема е нормално нешто што е договорено ние да го прифатиме, со оглед на тоа што беше донесен специјален закон во парламентот, а дадени се и големи пари за „Бехтел и Енка“, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Влеговме во финансиска обврска и сметавме дека е подобро да се преиспитаме дали може проектот да го ставиме на брза лента, да не плаќаме пенали, да се ангажира „Бехтел и Енка“ со целокупната нивна машинерија за да се заврши овој проект и видливи се резултати во последните три месеци, додаде Трајановски за изненадувачкото прифаќање на ВМРО-ДПМНЕ на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д, откако претходно од опозиција беа жестоки критичари на договорот и на начинот на кој тој беше потпишан.
Директорот на ЈПДП вели дека овој проект е еден од најважните во земјава, а критиките на сегашната власт, тогашна опозиција, биле по неколку основи – од фактот дека зад овој договор не стои ниту една банка, до плаќањето пенали кон „Бехтел и Енка“ оти од претходната влада не бил испочитуван шестмесечниот рок за реализирање на обврските кои ги презела државата, како што се експропријација и деминирање.
„Сосема е нормално нешто што е договорено ние за да го прифатиме со оглед на тоа што беше донесен специјален закон во парламентот на Република Македонија, дадени се големи пари за ’Бехтел и Енка’, некаде 227 милиони евра за аванс, подготовка, пред да дојдам за директор. Сепак, влеговме во една финансиска обврска и сметаме дека е подобро да се преиспитаме дали може проектот да го ставиме на брза лента, да не плаќаме пенали, да се ангажира ’Бехтел и Енка’ со целокупната нивна машинерија за да се заврши овој проект и видливи се резултатите во последните три месеци“,
рече Трајановски.
На новинарско прашање – дали има репреговарање на договорот како што ветуваше премиерот Христијан Мицкоски, Трајановски вели дека тоа прашање треба да биде адресирано лично до премиерот, но според информациите со кои располага тој, вели дека се преговара на високо ниво.
„Има, сигурно има, беше премиерот во Америка, се разговараше и тука, дојде делегација на ’Бехтел и Енка’ и од највисокото ниво, се разговараше за одредени делови, мислам дека тоа е работа на Владата и дека ќе продолжат“,
кажа Трајановски.
Честа критика на актуелната владејачка партија беше и тајноста на договорот, за што Трајановски сега вели дека иако тоа е обрска на Владата, тој мисли дека во моментов се разговара за кои делови од документот да бидат јавно достапни и оти има одредено померување.