„Зарем некој мисли дека Коце Трајановски лаже? Така што, зошто градоначалникот на Крива Паланка лаже, треба него да го прашате. Но, Коце Трајановски му се јави телефонски и го покани“, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски за фејсбук-објавата на Сашко Митовски, кадар на СДСМ, дека не бил поканет на пуштањето во употреба на обиколницата

Градоначалникот на Општина Крива Паланка беше поканет на вчерашниот настан за пуштање во употреба на обиколницата, а зашто тој не дојде, треба сам да одговори, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Откако градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска во објава на социјалните мрежи напиша оти не бил официјално поканет на вчерашниот настан, Николоски вели дека покрај формалиот начин, тој бил поканет и лично, преку телефон, од организаторот – директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, обвинувајќи го Митовски дека во оваа ситуација, не ја кажува вистината.
„Зарем некој мисли дека Коце Трајановски лаже? Така што, зошто градоначалникот на Крива Паланка лаже, треба него да го прашате. Но, Коце Трајановски му се јави телефонски и го покани. Инаку, вчера таму бевме, го пуштивме патот којшто е прекрасен, многу значаен за Крива Паланка и мислам дека наместо вакви ситни политички игри треба се радуваме сите кога се прават патишта“,
рече тој.
Според Николоски, Митовски е еден од ретките што победи на избори, а е член на СДСМ, и пред себе има шанса за голема политичка кариера, а „не сфаќа колку е во можност да ги надмине локалните граници и да не се занимава со локална политика“.
Додаде дека доколку некој од СДСМ го советува да прави вакви работи, свесно го носи на тенок мраз оти можеби се плашат од него како потенцијална конкуренција внатре во партијата.
„Јас мислам дека е за него паметно да не паѓа на она што партијата го бара од него. Гледам дека овој период бараат од него да дава изјави коишто се несериозни во однос на одредени други случаи. Агенцијата за храна и ветеринарство да не се правела луда, тоа на сериозен политичар не му одговара, тој начин на комуникација. Па се занимаваше со дробен асфалт и со слични глупости. Едноставно, не му личат тие работи, но возрасен е, негови се одлуките. Ако јас се прашувам, нам ни одговара да е ваков и полош за на следните локални избори да победиме и во Крива Паланка“,
рече Николоски.
