Потпретседателката на СДСМ нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во улога на опозиција тврдеше оти ќе издејствува подобра преговарачка рамка, но не само што не успеале, туку и придобивките од претходната ги има изгубено

Тоа што на македонскиот јазик му се заканува бришење од извештајот на Европскиот парламент, единствено е виновен премиерот и неговата партија, рече денеска во интервју за „Сител“, потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
Според неа, Мицкоски свесно отворил прашање кое веќе беше затворено.
„Договорот ФРОНТЕКС е потпишан на македонски јазик, без придавки, без ѕвездички, без фусноти, но уште повеќе тоа беше и победа и за преговарачката рамка којашто беше прифатена од сите 27 земји членки на Европската унија. Ама гледаме дека Мицкоски и ДПМНЕ успеваат секоја претходна победа да ја претворат во пораз“,
изјави Костова.
Таа потсети дека ВМРО-ДПМНЕ во улога на опозиција тврдеше оти ќе издејствува подобра преговарачка рамка, но не само што не успеале, туку и придобивките од претходната ги има изгубено.
Костова смета дека ВМРО-ДПМНЕ намерно работи против реализирањето на стратегиските цели на Македонија.
„Во времето кога беа опозиција и кога се носеше Преспанскиот договор креваа голема хистерија, потхрануваа многу големо општо незадоволство велеа дека преспанскиот договор го уништи идентитетот, а сега додека се власт токму тие ги ползуваат сите позитивни страни на Преспанскиот договор гледаме дека одат на меѓународни самити, како што имаше можност претседателката Гордана Силјановска Давкова неодамна на таков еден меѓународен самит да каже дека се сретнала со Диџеј Венс односно тоа беше Марко Рубио, американскиот државен секретар, но дури и за таквите бламажи треба да имаат платформа каде да ги прават, тоа го прават затоа што ги користат придобивките од Преспанскиот договор“,
рече Костова.
Таа додаде дека благодарение на државничките одлуки на владите на СДСМ, Македонија денес е земја членка на НАТО, што особено е значајно во период на вакви глобални случувања државата да биде безбедна и дел од таква сериозна безбедносна структура.