Претседателот мора да ги искористи сите легални политички средства и да изврши притисок врз парламентарните партии, да создадат некакво мнозинство и да состават влада. Ако тој не ја преземе таа улога, тие кои зад кулисите владеат со државата досега, ќе се осмелат и пак ќе ја преземат власта.
Поранешниот бугарски премиер Иван Костов остро ги критикува позициите на партијата на Слави Трифинов и смета дека таа е директно одговорна за парламентарната криза која не само што се продлабочува, туку ја доведува Бугарија пред уставна криза. Во интервју за Бугарското национално радио тој вели дека Трифонов се однесува кон останатите партии како да се само обични актери во неговото шоу на кои тој како сценарист им ги дели улогите.

„Имам чувство дека не се разбираат основите на политиката. Ако останатите ги прифатеа улогите поставени од него, тогаш наполно ќе го загубеа својот кредибилитет. Тој не предложи програма. имаше сомнителни имиња меѓу кандидатите за министри и не преговараше со потенцијалните партнери, туку само ги информираше за составот и бараше да гласаат. Тоа отстапува од какви било политички принципи. Исто така, погледнете им го и речникот на ‘Има таков народ’. Велат, заминуваме во опозиција. Но, на кого му се тие опозиција? На службената влада која е избрана по предлог на претседателот. Значи, тие му се опозиција на Радев. Но, во исто време, тие се изјаснија дека на престојните претседателски избори ќе го поддржат токму Радев. Очигледен е хаосот во кој се наоѓаат“,
вели Костов.

Според него, олигархијата и мафијата имаат силно влијание врз раководствата на речиси половина од парламентарните партии и тоа дополнително придонесува за пат позицијата во која се наоѓа политичкиот систем.
„Многу е мала веројатноста дека парламентот може да избере нова влада. Тоа би било чудо. Дури и да има нови избори, пак ќе се случи истото. Единствената шанса да се состави нова влада е ако од партијата на Слави Трифонов добро подразмислат и не зависат од нечија туѓа волја. Претседателот Радев мора да ги искористи сите легални политички средства и да изврши притисок врз парламентарните партии, да создадат некакво мнозинство и да состават влада. Инаку реална е можноста мнозинството кое го контролира олигархијата да се дограби до власта. Ако претседателот не ја преземе таа улога, тие кои зад кулисите владеат со државата досега, ќе се осмелат и пак ќе ја преземат власта. Со актуелниот парламентарен состав тие ја имаат таа можност“,
смета поранешниот бугарски премиер Иван Костов.