„Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој (инспекторатот) да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во министерството за култура, за сега да добие 91% намален буџет“, рече пратеничката на СДСМ на денешната комисиска расправа за предлог-буџетот за 2026 г., додавајќи дека нема услови за работа на инспекторатот, а нема ниту огласи за вработување лектори
Во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет денеска продолжи расправата за предлог-буџетот за 2026 г. На вториот ден од дискусијата, пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ со позитивен тон ги оценија буџетските проекции на Министерството за финансии за следната година, додека пак нивните колеги од опозицискиот СДСМ изнесоа бројни забелешки и критики за тоа како Владата планира да ги троши јавните пари.
Пратеничката од редовите на социјалдемократите и ексминистерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска се осврна на проекциите што се однесуваат на нејзиниот поранешен ресор, ставајќи го акцентот на средставата предвидени за инспеторатот за македонски јазик.

Како што кажа таа од говорницата во салата „Борис Трајковски“, со предлог-буџетот за 2026 година се предвидува намалување на буџетот на Инспекторатот за македонски јазик за 91 отсто, напоменувајќи дека средствата за оваа институција се утврдени со Законот за македонски јазик, кој, како што кажа, сите заедно го донесоа во 2024 година.
Според Костадиновска-Стојчевска, намалувањето се предвидува и покрај тоа што владејачкото мнозинство при ребалансто на буџетот за оваа година ветило дека тоа нема да се случи.
„Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој (Инспекторатот) да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во министерството за култура, за сега да добие 91% намален буџет“,
рече пратеничката на СДСМ, додавајќи дека нема услови за работа на инспекторатот, а нема ниту огласи за вработување лектори.
Дополнително, ексминистерката кажа дека не се предвидуваат ниту средства за адаптација на основното училиште во Љубојно во центар за промоција на македонски јазик.
Костадиновска-Стојчевска дека за 33 отсто е намален и буџетот за реконструкцијата на објектот „Музеј на Македонија“.
„Да ве потсетам таму се на ревитализација иконите вратени по првата реституција, и тоа 21 икона украдени во 2013 година, а откако ќе се ревитилазираат треба да бидат изложени во тој музеј“,
рече Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека сето тоа говори за приоритетите на Министерството за култура и туризам.
Претходно, нејзината сопартијка и поранешна директорка на Управата за јавни приходи (УЈП, Сања Лукаревска, рече дека предлог-буџетот за следната година е неконзистентен, нереален и директно штетен за економијата и граѓаните.
Според неа тој не содржи никакви политики за зголемување на платите, ниту мерки за справување со сè поголемата сиромаштија.
„Цените растат, граѓаните должат повеќе, а примаат исто. Наместо да живеат подобро, тие повторно плаќаат повеќе…Нема развој, нема реформи, нема повисоки плати, нема мерки за сиромаштијата, има само задолжување, кратење и непродуктивно трошење. Ова е буџет на хартија, без капацитет да донесе подобар живот“,
рече Лукаревска.
Според Лукаревска, само девет отсто од вкупните расходи се за капитални инвестиции, додека огромни 91 отсто, како што кажа, одат за непродуктивни трошоци.
„Намалувањето на капиталните расходи за 7 милијарди денари покажува дека оваа влада нема капацитет за развој, ниту намера да инвестира во иднината“,
рече пратеничката на СДСМ.

Пратениците од владејачкото мнозинство, кои денеска земаа збор на комисиската расправа, предлог-буџетот го оценија како балансиран, одржлив и внимателно испланиран, без популизам и со одговорност не само кон сегашните, туку и кон идните генерации.
Според Весна Ѓорѓиева, предлог-буџетот покажува дека Владата води внимателна, одговорна и умерена економска политика, додека нејзиниот колега, Златко Пенков кажа дека предвидувањата за растот се базираат на реални оценки и препорача уште поинтензивни политики за привлекување странски, но и домашни инвестици. Според Емил Спасовски се работи за исклучително развоен буџет со вклучена социјална компонента.
На седницата беше присутен и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
„За 2026 година се предвидува 3,8 отсто раст на БДП, што не е случајно, туку следува по трите квартали постојан раст. Стапката на инфлација е детерминирана на 2,5 отсто како резултат на рамотежата во делот на цените на храната, од една страна и цените на енергенсите, од друга. Ова значи дека имаме континуиран економски раст, стабилизирање на инфлацијата, добро менаџирање на јавните пари и креирање буџет во функција на решавање на проблемите на граѓаните. Главните двигитали ќе бидат зголемената активност кај градежништвото и домашната потрошувачка. Стапката на невработеност е предвидено да биде 10,1 отсто, а платите и пензиите ќе растат“,
рече Пенков.

Според Ѓорѓиева, со предложениот буџет се намалуваат нерационалните трошоци и се испраќа пораката: „Не трошиме, туку инвестираме, создаваме услови за долгоорчен раст, нови работни места и поконкурентна економија“.
„Економнскиот раст конечно почнува да се чувствува во реалниот живот на граѓаните. Овој предлог нуди баланс меѓу растот и стабилноста, развојот и социјалната одговорност, резултат е на јасна стратегија и на желбата да се создаде подобро утре за сите. Се обезбедуваат стабилни финансии, капитални инвестиции, предвидлива економија, поддршка на најранливите категории граѓани и услови за економија која расне, а не стагнира“,
рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата на Комисијата за финансирање и буџет ќе продолжи во понеделник во 12 часот.
