Костадиновска-Стојчевска вчера во своето обраќање за време на сесијата на Комитетот, искажала благодарност што Комитетот ги уважил заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, за зачувување на престижниот статус на Охридското Езеро
Охридскиот регион го задржува статусот на светско наследство на УНЕСКО, информира министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која присуствува на 45. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија.
Костадиновска-Стојчевска, вчера во своето обраќање за време на сесијата на Комитетот, искажала благодарност што Комитетот ги уважил заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, за зачувување на престижниот статус на Охридското Езеро.
Таа истакнала дека експертските тимови на двете држави го изготвиле Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион со Акциски план, а, како што рече, тоа е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз вредностите на Регионот, што е позитивно оценето и од страна на Комитетот за светско наследство и нотирано и во Одлуката од сесијата на Комитетот во Ријад.
Министерката за култура укажала дека од нашата натамошна засилена соработка со Република Албанија ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Но, нагласила дека останува добар дел од препораките на реактивните мониторинг мисии и на советодавните мисии што треба заеднички да ги сработат двете страни.
„Останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните. Впрочем, обврските се точно адресирани. Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот регион на листата на Светско наследство во опасност“,
нагласила Костадиновска-Стојчевска.
Како што информираат од Министерството за култура, во македонската делегација во Ријад се и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов.
На почетокот на февруари 2023 година, македонската национална комисија за УНЕСКО го достави Извештајот во кој земјава требаше да ги убеди Обединетите нации дека презема сериозни чекори за да го заштити Охридскиот регион, а со тоа и неговиот статус како светско културно наследство. Оваа „игра“ трае веќе шест години, откако уште во 2017 година УНЕСКО заклучи дека во Македонија недостасува елементарна грижа за прашањето.
И во 2019 година во Азербејџан и во 2021 во Кина, на маса беше предлогот Охридскиот регион да го загуби статусот светско културно наследство и да се префрли на листата – светско културно наследство во опасност. Само поради дипломатија и политика и во двата наврати, УНЕСКО не ја носеше таквата одлука, препорачана од експертите.