Ексминистерката за култура рече дека претходната влада покажала силна посветеност кон заштита на Охридското Езеро и неговото наследство и дека преземала клучни чекори за решавање на проблемите и воспоставување трајни механизми за заштита кои биле препознаени од меѓународната заедница
Поранешната министерка за култура од редовите на социјалдемократите, Бисера Костадиновска-Стојчевска, го оцени за очаен обидот на актуелниот министер Зоран Љутков да го обвини СДСМ за нацрт-одлуката на Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО со која се предлага Охридскиот Регион да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност.
Ексминистерката рече дека претходната влада покажала силна посветеност кон заштита на Охридското Езеро и неговото наследство и дека преземала клучни чекори за решавање на проблемите и воспоставување трајни механизми за заштита кои биле препознаени од меѓународната заедница.

„За да се обезбеди цврста основа за закрепнување на доброто, изработен е Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Овој план ја идентификуваше екстремната ранливост на доброто, основните причини за таквата ранливост како неусогласеност на регулативите и недостигот на имплементација на постоечките програми и присуството на активни закани“,
рече Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција.
Таа додаде дека претходната власт изработила нов предлог-закон за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион, нацрт-закон за заштита на културното наследство, како и предлог-закон за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.
„Овие законски рамки имаа за цел да ги зајакнат институционалните капацитети и третманот на наследството. Овие закони се повлечени“,
рече поранешната министерка.
Таа обвини дека од процедура се повлечени и законот за рибарство и аквакултура со посебен осврт на заштитените подрачја, предлог-законот за прогласување на Студенчишкото Блато во Охрид за заштитено подрачје и нацрт-законот за Охридското Езеро за споменик на природата кои, како што рече, биле насочени кон суштинска заштита на екосистемот на Охридското Езеро.
„Во завршна фаза беше и изработката на физибилити студија за изработка на урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитената зона на крајбрежниот појас во Охридскиот Регион, со цел севкупна и долгорочна заштита на брегот на Охридското Езеро. Оваа студија, заедно со новата ажурирана геодетска подлога изработена од Агенцијата за катастар на недвижности, беше клучна за системско урбанистичко планирање“,
додаде Костадиновска-Стојчевска.
Посочи дека во времето на владата на СДСМ биле отпочнати проекти за детектирање на дивоградбите во Охридскиот Регион со употреба на дронови и додаде дека градоначалникот од СДСМ, Костадин Георгиевски, влегол во борба за отстранување на дивите платформи во Охридското Езеро, а по локалните избори во 2021 година, новоизбраниот градоначалник Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ дозволил обнова и проширување на овие платформи, што, како што рече, е во директна спротивност со препораките на УНЕСКО.
Костадиновска-Стојчевска информира и дека Комисијата за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, која работи на усогласување на целокупната урбанистичко-планска документација на Охрид, Струга и Дебарца со Планот за управување, во периодот од јануари 2023 до јануари 2024 година разгледала и дала мислење за 137 барања за измена и дополнување или носење на нова урбанистичко-планска документација.
„За урбанистичка документација чија реализација може негативно да влијае на исклучителната универзална вредност на регионот, задолжително се спроведуваше и Стратегиска оцена за влијание врз наследството. Важно е да се напомене дека граѓанските организации беа присутни на седниците на Комисијата, што имаше за цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста“,
додава ексминистерката за култура.
Таа вели дека во текот на 2023 година бил пресметан и процентот на влијанието на реките Сатеска, Коселска и Вељгошка врз квалитетот на водата од литералната зона на Охридското Езеро, а бил набавен и софистициран апарат за одредување на концентрации на жива. Дополнително, рече дека бил спроведен и проект за детекција и отстранување на напуштени, изгубени или на друг начин оставени риболовни алат од Охридското Езеро.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчера обвини дека нацрт-одлуката на Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО со која се предлага Охридскиот Регион да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност е резултат на директна последица на години негрижа, неодговорност и институционален распад оставени од претходната влада во период од 2017 до 2024 година.