Чествувањето на овој ден, кој е посветен на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвизмот, е уште една можност да потсетиме на важноста на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто. Затоа што и ние, Македонците, нашиот мајчин јазик го вреднуваме како културно наследство, кое ниту се одзема, ниту се дава, ниту се подарува, рече министерката за култура

Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот и срцето на нашата нација. Имаме должност да го негуваме, да го заштитиме како наше најголемо духовно и културно наследство, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешното одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Таа смета дека во годината кога се одбележуваат 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик добива посебно значење.
„Чествувањето на овој ден, кој е посветен на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвизмот, е уште една можност да потсетиме на важноста на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто. Затоа што и ние, Македонците, нашиот мајчин јазик го вреднуваме како културно наследство, кое ниту се одзема, ниту се дава, ниту се подарува“,
истакна Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска рече дека Владата и Министерството за култура во изминатиот период имаат реализирано многу проекти преку кои се покажува грижа, љубов и почит кон македонскиот јазик.
Таа потсети дека е веќе завршен еден капитален и исклучително значаен проект за дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик и информираше дека годинава ќе добиеме и нов Закон за употреба на македонски јазик.
„Годинава ќе добиеме и нов Закон за употребата на македонски јазик, со кој ќе ги зацврстиме механизмите на чување, негување, ширење и афирмација на стандардниот македонски јазик. Во оваа пригода им благодарам на вработените во Министерството за култура и на членовите на Советот за македонски јазик, кои посветено и студиозно пристапија кон изработката на квалитетно и модерно законско решение. Им благодарам и на сите професори, познавачи на македонскиот јазик, кои на јавната дебата дадоа конструктивни забелешки со кои се дооформи предлог-текстот на Законот, кој наскоро треба да влезе во владина процедура, а потоа конечно да биде усвоен од Собранието“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката изрази уверување дека денес, кога македонскиот јазик е рамноправен и во комуникацијата во Европската Унија, треба да работиме посветено за да му обезбедиме долговечност на нашиот мајчин, македонски јазик. Во тој контекст, таа додаде дека Министерството за култура, преку Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес и преку другите механизми, е доследно на оваа цел, поддржувајќи неколку проекти на Институтот за македонски јазик преку кои достојно ќе биде одбележан неговиот седумдецениски јубилеј и посветеноста во зачувувањето и промовирањето на македонскиот јазик.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, истакна дека секој треба да го негува и да му оддава почит на својот мајчин јазик, а доколку го цениме сопственото, рече тој, ќе може да го почитуваме и другото. Мајчиниот јазик, додаде Јанкуловски, е мост преку кој се поврзуваме со други јазици и други култури.
„Секој има право да го користи својот мајчин јазик, да ги чува спомените, традициите и размислувањата кои се вградени во неговиот јазичен код. Јазикот е културно наследство во кое се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Мајчините јазици со својата разноликост го прошируваат нашиот светоглед и се исклучително важни за идентитетот на секоја личност. Преку нашиот мајчин јазик осознаваме кои сме и што сме, кои биле нашите предци, го осознаваме светот“,
рече ректорот.
На свеченоста по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се обратија и директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска и проф. д-р Лидија Тантуровска.