Во текот на утрешниот ден ќе биде обезбедено санитетско комбе за струмичката болница, информираше пратеникот на СДСМ, струмичанецот Костадин Костадинов.
Ова доаѓа откако директорот на болницата во Струмица, Наке Гогов, вчера преку Фејсбук упати апел до граѓаните да донираат за да може да купат возило, но подоцна се премисли и го повлече статусот.
„Со силна посветеност, со многу разговори, разбирање за состојбата во која се наоѓаме и интензивната борба со коронавирусот, заедно со директорот на болницата во Струмица, Наке Гогов, со Дирекцијата за управување со кризи, утре обезбедуваме санитетско комбе за струмичката болница“,
информира Костадинов.
Тој и вчера најави дека до декември треба да стигне возило за потребите на болницата во Струмица, но вели дека тоа што утре ќе го набават е дополнително возило.
„Разочаран сум што опозицијата наместо да помага, прави се за да буквално одмогне во оваа криза. Секако за тоа најдобро ќе судат граѓаните. Проблемите ги решаваме многу брзо, се грижиме и преземаме одговорност. Само со посветена и неуморна работа, можеме и мораме да ги решаваме проблемите кои се натрупани со години наназад“,
додаде Костадинов.
