Левица, заедно со ВМРО-ДПМНЕ блокираат сè. Тоа ми приличи на политичари од некои поранешни векови, не на модерни политичари, вели портпаролот на СДСМ и пратеник Костадин Костадинов
Откако вчера, испровоцирани од европското знаменце на Законот за државјанство, Левица најавија дека ќе ги блокираат сите закони предложени од власта, портпаролот на СДСМ и пратеник, Костадин Костадинов, вели дека тоа е одлика на претставниците на оваа партија – да блокираат сè.
„Не е само Законот за државјанство којшто опозицијата, овде мислам и на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ, се обидуваат да го блокираат или во одредени ситуации брутално ги блокираат законските решенија. Станува збор за политичка партија која што има свои претставници, двајца во рамки на Парламентот, кои што, ако добро направиме анализа, ќе видиме дека ги нема на работа во најголем дел од времето. Во рамки на комисиите каде што практично се креираат законските решенија, го имаат целосното демократско, деловничко право како пратеници да подобруваат одредени текстови на Законот. Наместо тоа, двајцата пратеници решиле да блокираат“,
одговори Костадинов на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој вели дека пратениците на Левица, како и тие на ВМРО-ДПМНЕ се пример за тоа како не треба да изгледаат модерни политичари.
„Тие заедно со ВМРО-ДПМНЕ блокираат сè. Тоа ми приличи на политичари од некои поранешни векови, не на модерни политичари. Тоа е слика и пример како не треба модерниот македонски политичар да изгледа. Модерни политичари нудат решение, поддржуваат закони кои што решаваат проблеми, кои што го унапредуваат и го подобруваат животот на сите граѓани“,
рече портпаролот на СДСМ.
Левица во парламентот има двајца претставници, Димитар Апасиев и Борислав Крмов. Токму Крмов вчера ја најави блокадата на Собранието со илјадници амандмани, обвинувајќи дека во законодавниот дом има зачестената пракса на пуштање на закони во скратена постапка, дискриминација на неалбанските пратеници оти добивале закони двојазично, а не само на македонски, како и злоупотребата на европското знаменце.
Крмов обвини дека власта сервира најопасен преседан со тоа што со европско знаменце го пушта во процедура Законот за државјанство.