Досегашниот градоначалник на Струмица од СДСМ, Костадин Костадинов, упати остра критика до Социјалдемократскиот сојуз, базирана на изборните резултати во сите општини. Оцени дека ова не е обичен пораз, туку, како што вели, тешка брука, политички и морален срам и сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството
Досегашниот градоначалник на Општина Струмица, Костадин Костадинов од редовите на СДСМ, упати честитка до кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, кој на годинашните локални избори успеа да ја прекине дводецениската низа на градоначалници на СДСМ во Струмица.

Во објавата на Фејсбук, Костадинов упати остра критика до СДСМ базирана на изборните резултати во сите општини на ниво на државата. Оцени дека ова не е обичен пораз, туку, како што вели, тешка брука, политички и морален срам и сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството на партијата.
„СДСМ е четврта политичка сила. СДСМ не влезе во втор круг во Скопје. Тука станува збор за политичка одговорност и политички срам. Недозволиво е самоволието да продолжи да владее и со тоа секој еден член на СДСМ да биде понижен. Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема. Час поскоро, секој кој носел одлуки треба да се погледне во огледало и да признае дека не го бива. И да си оди“,
порача Костадинов.
Заминувањето од партијата, како што вели, е доблест и чекор со кој на вистинските луѓе ќе им се овозможи да се интегрираат во партијата и да почнат со работа и суштинска, а не декларативна, консолидација на СДСМ.
„Повикувам, со ладни глави, кон реформа, реконструкција, ремонт и ребрендирање, кои можат да ја излечат СДСМ. По 20 години, во општината која беше пример и бисер за прогрес, СДСМ ќе биде опозиција. Тоа е гласот на струмичанки и струмичани, избор што произлегува од политичката понуда создадена од одлуките на раководството на СДСМ“,
порача досегашниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов.
На вчерашниот прв круг од локалните избори, градоначалничкото место во Струмица го освои Петар Јанков од ВМРО-ДПМНЕ. По две децении, откако на изборите во 2005 година локалната власт ја презедоа социјалдемократите, доаѓа до промена на политичката структура што ќе раководи со оваа општина.