Никој не спомена дали преписката се однесуваше на трансродовите лица и на разликите меѓу полот како биолошка и родот како општествена категорија
,,Тивка” онлајн-преписка денеска се одвиваше на социјалните мрежи меѓу централата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов (од редовите на оваа партија), кои индиректно ги спротивставија ставовите во врска со родовите прашања.
Костадинов, кој стана познат по својот активизам против, како што вели, „родовата идеологија“, прв објави на својот фејсбук-профил дека за партијата „родот е тргнат“, па од официјалната фејсбук-страница на СДСМ стигна појаснување дека тие се за еднаквост на „сите индивидуи“.
Никој не спомена дали преписката се однесуваше на трансродовите лица и на разликите меѓу полот како биолошка и родот како општествена категорија.
Сè почна со најавата од Форумот на жени на СДСМ дека партијата годинава на 8 март во Струмица ќе одржи марш по повод Меѓународниот ден на жената, за праведно и еднакво општество.
„Форумот на жени на СДСМ го најавува одржувањето на осмомартовскиот марш кој традиционално го организира со цел да се нагласи важноста на економската и социјалната правда, јакнењето на позицијата на жената во општеството, како и итноста на решавањето на системските бариери и предрасуди со кои жените се соочуваат во сите сфери на живеењето“,
стои во објавата на Форумот на жени, на која е додаден и хаштагот #ForAllWomenAndGirls, односно „за сите жени и девојчиња”, што е дел од официјалното мото на Обединетите нации за годинешното одбележување на Денот на жената.
Неколку часа подоцна Костадинов сподели скриншот од објавата на партискиот Форум на жени и даде сопствено толкување.
„СДСМ го менува пристапот! СДСМ покажа слух за оправданиот револт на сите нас. Жената мора да биде ставена на прво место, родот тргнат! Останува сега на оние кои хараа и жигосуваа луѓе, држеа прес-конференции за тоа колку биле против родови идеологии, а денес допрецизираат закони во кои брутално ја афирмираат родовата идеологија која цел свет ја оттргнува. Срамота, за ВМРО-ДПМНЕ“,
напиша струмичкиот градоначалник.
Костадинов повеќе години наназад е познат по јавната поддршка на т.н. антиродови движења, кои се борат против правата на трансродовите лица.
Од друга страна, пак, СДСМ за време на своето владеење на централно ниво работеше на подобрување на положбата на ЛГБТ-популацијата, од која се дел и трансродовите луѓе. Владата предводена од оваа партија го поддржа организирањето на првите паради на гордоста во земјава, а дел од партиските функционери учествуваа на нив.
Неколку часа по објавата на Костадинов, без да го посочи конкретниот повод, СДСМ преку официјалната фејсбук-страница појасни дека индивидуалните ставови не се официјални позиции на партијата.
„Во духот на социјалдемократијата е да се гради праведно и инклузивно општество. Тоа може да се постигне само преку адресирање на општествените и економските нееднаквости. Само така можат да се надминат стереотипите и на сите граѓани да им се овозможи еднаков пристап до можности и ресурси. Борбата за родова еднаквост на СДСМ во нашето општество многупати е докажана. СДСМ останува посветен на своите основни вредности. Официјалните партиски ставови ги градат членовите на седници на соодветните партиски тела и органи преку дебата. Индивидуалните ставови градени на други места не се ставови на партијата“,
напишаа од партијата.