Костадинов го замрзна своето членство во СДСМ лани во јули, откако лидерот на партијата, Венко Филипче, објави дека за градоначалник на Струмица на локалните избори 2025 ќе го кандидира општинскиот претседател на партијата, Марјан Даскаловски

По доволно поминато време и по донесена лична одлука, одлучив да го одмрзнам моето членство во СДСМ, објави на својот фејсбук-профил поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов.
„Сакам јасно да нагласам дека останувам зад сите мои претходни ставови и позиции по однос на бројни прашања од јавен интерес и дека овој чекор не значи нивно менување или повлекување. Во овој момент не најавувам никаква форма на активен ангажман, туку стојам на располагање, со почит кон партијата, нејзините вредности и секој член поединечно. Единството бара подавање рака, држење до принципи и искрени разговори во имe на секој еден социјалдемократ“,
порача тој.
Костадинов го замрзна своето членство во СДСМ лани во јули, откако лидерот на партијата, Венко Филипче, објави дека за градоначалник на Струмица ќе го кандидира општинскиот претседател на партијата, Марјан Даскаловски.
„Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што ѝ е местото, најмалку каде што е сега. Ова не е крај. Ова е моментот кога човекот мора да зборува чесно, и од срце. Во изминатите 11 години, од 2013 наваму, не изгубив ниту едни избори. Не затоа што бев најгласниот. Не затоа што бев најсилниот партиски поддржан. Туку затоа што луѓето гледаа нешто друго во мене: работа, доследност и љубов кон градот. Јас не сум случаен градоначалник. Јас сум дете на оваа земја, на оваа улица, на овој пазар. Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека – ги градев како да ги правам за моето семејство“,
напиша тогаш Костадинов.
