Начевски, кој во 2013 година се натпреваруваше за градоначалник на Бутел, сега го презема директорското место од Горан Ангелов, поранешен градоначалник на Виница од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
Коста Начевски е именуван денеска за в.д. директор на јавното претпријатие „Дрисла“, кое од вчера го презеде на управување градот Скопје. Претходно од директорската позиција беше разрешен Горан Ангелов.
Како што јавуваат медиумите, Начевски и официјално е впишан во Централниот регистар како вршител на должноста директор на ЈП „Дрисла“, откако градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, претходно ги достави документите до Централниот регистар за разрешување на Ангелов.
На локалните избори во 2013 година, Начевски беше кандидат на коалицијата на СДСМ за градоначалник на скопската Општина Бутел. Но тогашната опозиција ја изгуби битката во повеќето општини во земјава, така што и Начевски беше поразен од Петре Латиновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Начевски сега доаѓа на местото на Ангелов, кој веќе има минат стаж во локалната власт. Ангелов во два мандата беше градоначалник на Виница од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и на чело на ЗЕЛС. Пред минатогодишните претседателски избори, тој покажа амбиција да влезе во трката за шеф на државата, ама не го помина внатрешниот филтер во ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов вчера на прес-конференција објави дека депонијата „Дрисла“, со решение од Централниот регистар, станува јавно претпријатие на град Скопје.
„Со ова решение од Централниот регистар денеска и официјално завршува деветгодишната авантура на ВМРО-ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет беше даден на користење на несоодветни т.н. партнери на градот. Во периодот што следува за исправноста на работењето на депонијата „Дрисла“ ќе одговара Град Скопје и јас лично како ваш градоначалник“,
рече Шилегов
По седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари ќе бидат избрани управен и надзорен одбор на сега веќе Градското јавно претпријатие за управување со комунален отпад.