Властите веќе работат на отворање на патот за одржување на вонредни избори преку оставки на актуелните претседатели на општините, а присуството на косовската специјална полиција РОСУ во и околу општинските објекти на северот е веќе намалено
Претседателката на Косово Вјоса Османи денеска по средбата со турскиот заменик-министер за надворешни работи изјави дека земјата се подготвува за организирање на вонредни избори на северот од земјата. Подготовките се прават постепено, а Османи рече и дека на северот е намалено и присуството на косовската специјална полиција
„Во моментот се продолжува да се работи на комплетирање на правната инфраструктура за одржување нови избори во четири општини на север”,
вели Османи.
Дека нови избори на северот од земјата ќе се случат, неодамна потврди и премиерот Албин Курти кој кажа дека Косово работи на решавање на технички и административни прашања за да може изборите за градоначалници на северот на Косово да се одржат што е поскоро.
„Во врска со новите вонредни избори, од почетокот кажавме дека не сме задоволни од излезеноста на граѓаните на изборите на 23 април годинава и од тоа што го дознавме во проценти следниот ден. Затоа понудивме можност за вонредни избори, но сакаме да не се повтори ситуацијата во која повторно ќе имаме бојкот на излегување на избори, било како гласање или како кандидат“,
рече Курти.