Покрај ова барање, во Косово гласни се и барањата за укинување на обврската за приложување потврда за примени три анти-ковид вакцини, или за две вакцини плус негативен ПЦР тест не постар од 48 часа при влез во државата. Такви барања до Косово испратија и првиот вицепремиер на Северна Македонија, Артан Груби, и министерот за здравство, Беким Сали

Асоцијацијата на општини на Косово го повтори барањето до Министерството за здравство да го укине полицискиот час кој е во сила поради пандемијата на Ковид-19, а кој трае од 22 до пет часот наутро, јави дописникот на МИА од Приштина.
Директорот на Асоцијацијата, Сазан Ибрахими, за порталот „Газета експерес“ потврди дека побарале средба со министерот за здравство, Рифат Љатифи, пред 4 февруари кога ќе се преразгледуваат важечките мерки за спречување на ширењето на пандемијата.
Според Ибрахими, воведувањето забрана за движење на граѓаните и за работа на угостителските објекти во вечерните часови не дава резултати уште од октомври минатата година, кога во земјата имаше многу мал број случаи на новозаразени од коронавирусот.
„Бараме средба со министерот за здравство за да се разгледаат мерките заедно со градоначалниците. Очигледно е дека полицискиот час не ги дава очекуваните резултати уште од октомври, кога имавме по четири-пет нови случаи, а се гледа дека ниту сега не даваат никакви резултати“,
изјави Ибрахими, кој вели дека таквите мерки само им нанесуваат штети на бизнисите.
Покрај ова барање, кое постојано го истакнуваат и угостителите, во Косово гласни се и барањата за укинување на обврската за приложување потврда за примени три анти-ковид вакцини, или за две вакцини плус негативен ПЦР тест не постар од 48 часа при влез во државата.
Барање до косовските власти за укинување на обврската за три вакцини, која заедно со полицискиот час и други анти-ковид мерки беше воведена на 14 јануари, меѓу другите, упатија и првиот вицепремиерот на Северна Македонија, Артан Груби, и министерот за здравство, Беким Сали, како и жителите на Кукеш и другите населени места во Албанија на границата со Косово и градоначалниците на општините со мнозинско албанско население во јужна Србија.