Во писмото што косовскиот премиер Албин Курти му го испратил на својот македонски колега Димитар Ковачевски, а во кое ја одбива поканата за учество на самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид, тој, меѓу другото, додава и дека Приштина и Скопје треба заедно да работат на спречувањето на Србија да го шири нејзиниот руски и кинески интерес во регионот
Претходно вчера, косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ не го почитува принципот на инклузивност и не ги третира сите земји подеднакво, додавајќи дека разликата помеѓу оваа и другите иницијативи е тоа што другите иницијативи и нивните креатори ги третираат сите земји како еднакви

Косовската влада објави дека нејзиниот претседател Албин Курти добил покана од македонскиот колега Димитар Ковачевски за учество на самитот на „Отворен Балкан“, кој ќе се одржи на 7 и 8 јуни во Охрид, по што тој ја одбил поканата и го повторил неговото противење на иницијативата покрената од Северна Македонија, Србија и Албанија.
Курти, како што јавија косовските медиуми, не ја одбил експлицитно поканата од Ковачевски, но од контекстот на писмото што тој му го испратил може да се подразбере дека нема намера да учествува на самитот.
Во писмото до Ковачевски, косовскиот премиер, меѓу другото, нагласува дека Косово е посветено на Берлинскиот процес.
„Република Косово ја поздравува регионалната соработка заснована на принципите на рамноправност, од која на крајот граѓаните ќе имаат корист. За таа цел ние сме активно ангажирани во Берлинскиот процес, кој покрива многу регионални иницијативи, вклучувајќи го Заедничкиот регионален пазар, кој беше усвоен од шесте држави на Западен Балкан на самитот во Софија во 2020 година и кој е целосно поддржан од Европската Унија“,
се вели во писмото на косовскиот премиер до неговиот македонски колега.
Според Курти, двете земји споделуваат заеднички вредности и заеднички аспирации за зачленување во ЕУ, но и заедничката верба во слободата, демократијата, правдата и почитувањето на човековите и граѓанските права, слободата на медиумите и слободата на изразување.
„Ова е причината зошто нашите две земји постојано ја следат надворешната политика на ЕУ, вклучително и спротивставувањето на неиспровоцираната и неоправдана окупација на Украина од страна на Русија“,
пишува Курти.
Според косовскиот премиер, Приштина и Скопје треба заедно да работат на, како што вели, спречувањето на Србија да го шири нејзиниот руски и кинески интерес во регионот.
„Имајќи ги предвид нашите заеднички вредности, во наш интерес е да работиме заедно на спречувањето на Србија да го шири нејзиниот руски и кинески интерес во нашиот регион, негирајќи ја постојано независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и блокирајќи ги еднаквите можности за косовските граѓани“,
му пишува Курти на Ковачевски.
Претходно вчера, претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ не го почитува принципот на инклузивност и не ги третира сите земји подеднакво, додавајќи дека разликата помеѓу оваа и другите иницијативи е тоа што другите иницијативи и нивните креатори ги третираат сите земји како еднакви.
Таа процени дека со иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обидува да го прошири својот хегемонистички пристап низ целиот регион и да го третира Косово како нерамноправен партнер, со тоа што не ја признава неговата независност.