Во Собранието на Косово попладнево, нешто пред 18 часот, започна ново продолжение на седницата за избор на нов претседател на Републиката, за која позиција има двајца кандидати: Вјоса Османи и Насуф Бејта.
Двајцата се од редовите на движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти, а Османи која беше претседателка на Собранието од ноември лани ја извршува и функцијата в.д. претседателка на државата откако оставка поднесе Хашим Тачи. Таа е и фаворит на власта за претседателка на државата. Бејта, пак, како што пишуваат косовските медиуми, е пријавен само формално за да се запазат процедурите.
Според Уставот на Косово, за да биде избран за претседател на државата, за еден кандидат треба да гласаат две третини – 80 од вкупно 120 пратеници. Доколку во првите два круга ниеден од кандидатите не ги добие потребните гласови, во третиот круг се избира кандидатот што ќе освои 61 глас, но под услов да гласале најмалку 80 пратеници. Доколку и во третиот обид не се избере претседател на државата, Собранието се самораспушта и се закажуваат нови парламентарни избори, кои треба да се одржат во рок од 80 дена.
На вчерашната седница се одржаа само два круга од гласањето во кои владејачкото мнозинство не успеа да обезбеди 80 гласа. Во првиот круг гласаа 78, а во вториот 79 пратеници.
Пред денешното ново гласање на собраниската седница, претставници од Самоопределување излегоа со изјави дека успеале да обезбедат 80 или 81 глас.