Собранието на Косово денеска на 42. продолжение на конститутивната седница требаше повторно да се обиде да избере претседател на законодавниот дом, откако сите досегашни завршија без успех

Собраниската зграда во Косово денеска е евакуирана по наредба на обезбедувањето, непосредно пред почетокот на 42-то продолжение на конститутивната седница, пишуваат косовските медиуми.
Косовската полиција објави дека пратениците, како и сите други што биле во парламентот, се евакуирани откако е примена пријава за поставена експлозивна направа.
„Денес, на 05.07.2025 година во утринските часови, примена е информација преку СМС за закана со експлозивна направа во државната зграда на Собранието. По добивањето на информацијата, ангажирани се надлежните полициски единици, кои првично воспоставија безбедносен периметар и ги евакуираа луѓето од зградите“,
вели портпаролот на косовската полиција, Баки Келани во изјава за „Клан Косово“.
Пред Собранието на Косово има зголемено полициско присуство, а има и единици за деминирање, со кучиња што минуваат меѓу паркираните автомобили, пишува „Косово онлајн“.
Поранешниот претседател на Собранието, Гљаук Коњуфца, изјави дека Собранието добило закана по телефон.
Собранието објави дека евакуацијата се случила по анонимна дојава за бомба.
Собранието на Косово денеска на 42. продолжение на конститутивната седница требаше повторно да се обиде да избере претседател на законодавниот дом, откако сите досегашни завршија без успех, иако поминаа пет месеци од парламентарните избори, а три од конституирањето на новиот парламентарен состав.
Косовското собрание ќе продолжи со работа вечерва во 20 часот.