Во првиот случај било запрено патничко возило со косовски регистарски таблички во кое биле пронајдени непријавени пакувања парфеми во вредност од 13,7 илјади евра. Во врска со вториот случај, било запрено возило со регистарски ознаки на Република Северна Македонија
Косовската царина соопшти дека во текот на минатата ноќ, во два одделни случаи, спречила шверц на стока од Северна Македонија – парфеми и електронски цигари – во вредност од над 19 илјади евра, јави МИА.
Во првиот случај било запрено патничко возило со косовски регистарски таблички во кое биле пронајдени непријавени пакувања парфеми во вредност од 13,7 илјади евра.
„Синоќа во 20:50 часот царинските службеници запреа возило со косовски регистарски таблички. Странката на прашањето дали има нешто да пријави, одговори дека нема. При проверка на багажот и просторот за резервна гума, полицајците открија 226 пакувања парфеми од позната марка, со вкупна вредност од 13 699 евра. По откривањето, стоката е одземена и во моментот е подложена на постапки за нејзината автентичност“,
се наведува во соопштението на косовската царина.
Во врска со вториот случај, во соопштението се посочува дека синоќа во 22:45 часот поради контрола било запрено возило со регистарски ознаки на Република Северна Македонија. Откако возачот изјавил дека нема ништо за пријавување, полициските службеници извршиле втор претрес и откриле 40 000 електронски цигари (200 штеки) во вредност од 4 340 евра, скриени во различни делови од возилото.
„Двете лица го прекршија царинскиот и акцизниот законик на Косово. Предметите се упатени во Секторот за царински прекршоци за понатамошно правно постапување, додека Секторот за истраги работи на дополнителни увиди“,
се додава во соопштението.