На тема за евентуалното признавање, пред неколку дена зборуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој прокоментира дека Грција во наредниот период ќе ги крева односите со Косово
Претседателката на Косово, Вјоса Османи од шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, кој денеска престојуваше во Приштина, побара официјална Атина да ја признае независноста на косовската држава.

По средбата, Османи преку Твитер порача дека „воспоставувањето дипломатски односи меѓу Косово и Грција би придонело за развојот на регионот и за опстоен мир“.
„Денеска го примив министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас и повторив дека воспоставувањето дипломатски односи меѓу Косово и Грција би придонело за развојот и мирот во регионот. Очекувам да продолжиме со јакнењето на билатералните односи во наредните години“,
напиша Османи.
Today I hosted ?? Foreign Affairs Minister @NikosDendias and reiterated that establishment of diplomatic relations between ?? & ?? would contribute to our region’s development and sustainable peace.
— Vjosa Osmani (@VjosaOsmaniPRKS) June 4, 2021
I look forward to further strengthening bilateral ties in the years to come. pic.twitter.com/bPngP82wqb
Во соопштението кое го испратија од нејзиниот кабинет, пак, потенцираат оти Османи на средбата нагласила дека признавањето на Косово од страна на Грција уште повеќе ќе ги продлабочи билатералните и мултилатералните односи на двете држави.
Дендиас, пак, го нагласил значењето на продолжувањето на дијалогот меѓу Косово и Србија до постигнување конечен договор. Тој дал поддршката и за европскиот пат на Косово, како и на процесот на визна либерализација на косовските граѓани.
На тема за евентуалното признавање, пред неколку дена зборуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој прокоментира дека Грција во наредниот период ќе ги крева односите со Косово.
Во гостување на ТВ Пинк, тој рече дека има информации дека Атина ќе отвори канцеларија за врски во Приштина, но и дека ќе ја моли Грција тоа да не се случи затоа што следниот чекор би било признавање на независноста.
Според Вучиќ, тоа би било проблем затоа што покажува дека Европа станува обединета против интересите на Србија.
„Ситуацијата е многу тешка за нас. Го повикавме грчкиот амбасадор на разговор, но не презедовме никакви мерки, затоа што веруваме во пријателство и се надеваме дека нема да се оди со понатамошни мерки и приближување“,
потенцираше Вучиќ.
Тој исто така зборуваше дека се врши притисок и истото би можело да се случи и со други земји кои досега не го признале Косово.