Таа рече дека 93 отсто од граѓаните на Косово се за членство во НАТО и дека тоа е историска аспирација на народот на Косово од 1999 година
Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека целта на Косово е што поскоро да се приклучи кон НАТО, Европската Унија и Советот на Европа.
Таа ова го изјави во Вилнус на заедничката прес-конференција со претседателот на Литванија Гитанас и се заблагодари на Литванија за континуираната поддршка на Косово и рече дека членството во НАТО треба да се гледа од безбедносен аспект.
„Сите слободољубиви земји во Европа, кои сакаат да придонесат за мирот и безбедноста, заслужуваат да бидат во НАТО. И треба да се поддржат аспирациите за нивно членство. Верувам дека не само Финска и Шведска, туку и земјите од нашата регионот, како што се Косово и Босна и Херцеговина, треба да бидат поддржани со забрзан процес за членство“,
рече косовската претседателка.
Таа додаде дека 93 отсто од граѓаните на Косово се за членство во НАТО и дека тоа е „историска аспирација на народот на Косово од 1999 година“. Косово досега нема покана за пристапување во НАТО.
Владата на Косово го направи првиот чекор кон аплицирање за зачленување на државата во Советот на Европа (СЕ) усвојувајќи ја иницијативата за членство во оваа меѓународна организација.
Како што соопшти владината служба за информирање, со денешната одлука му се наложува на Министерството за надворешни работи и дијаспора да ги спроведе сите процедури за зачленување согласно легислативата што е во сила.