Претрес, како што пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, извршен е и во близина на ресторанот „Греј“, кој се претпоставува дека е во сопственост на Ема Радоичиќ – сопругата на Милан Радоичиќ, потпретседателот на партијата Српска листа, кого косовските власти го обвинија оти учествувал во нападот во Бањска
Во три општини на северот на Косово утринава се извршени проверки од страна на косовската полиција во врска со вооружениот напад во селото Бањска што се случи минатиот викенд.
Заменик-командантот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани изјави дека претресите се поврзани со настаните во Бањска и дека почнале утрово околу шест часот. Акцијата завршила еден и пол час подоцна, односно во 7:30 часот. Нема уапсени лица.

Според регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), претрес е извршен и во градската болница во Северна Митровица, а директорот на болницата изјави дека полицијата ги земала снимките од видеонадзорот.
Претрес, како што пренесе РСЕ, извршен е и во близина на ресторанот „Греј“, кој се претпоставува дека е во сопственост на Ема Радоичиќ – сопругата на Милан Радоичиќ, потпретседателот на партијата Српска листа, кого косовските власти го обвинија оти учествувал во нападот во Бањска.
Косовската полиција информира дека претресите е вршат во координација со ЕУЛЕКС и КФОР.
Во меѓувреме, канцеларијата за Косово во владата на Србија реагираше дека специјалната полиција на Косово, покрај болницата, направила претреси и во уште неколку приватни објекти на северот. Оттаму посочија дека во акцијата е причинета штета на влезната врата од болницата, а во акцијата учествувале 15-ина оклопни возила на специјалната единица на косовската полиција.
„Припадниците на ЕУЛЕКС гледаа од страна без реакција. Оваа акција предизвика дополнителен шок и страв и кај пациентите и кај вработените, а полицајците на Курти намерно избраа демонстрација на сила и патролирање на оклопни возила кога вработените пристигнуваат на работа, а децата одат во училишта и градинки за дополнително да внесат немир во српската заедница“,
се наведува во соопштението на канцеларијата за Косово на српската влада.
Собранието на Косово вчера усвои резолуција со која се осудува нападот на косовската полиција во селото Бањска и се наведува потребата од меѓународна истрага за улогата на Србија во тој напад.
Нападот во Бањска го осудија САД и ЕУ, а Белград и Приштина си разменија меѓусебни обвинувања за тоа кој е виновен за вооружениот напад.