Повик до Косово, Црна Бора и БиХ да се приклучат кон иницијативата „Отворен Балкан“, упати албанскиот премиер Еди Рама на почетокот на седмиот состанок во рамки на оваа иницијатива, кој се одржува во Тирана, а на кој присуствуваат и премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Почитуван Александар, драг Зоран, драги пријатели од регионот, вистинско задоволство е да ви посакам добре дојде денес во Тирана. Задоволство ми е да ви кажам дека денешниот ден е клучен момент во нашиот процес, бидејќи договорите што ќе бидат потпишани ќе направат важен чекор напред кон нашата цел; да гарантираме целосна слобода на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги. Дозволете ми да поминам низ секој столб на ’Отворен Балкан‘ со повторување на повикот за сите да се приклучат, бидејќи ’Отворен Балкан‘ е инклузивна иницијатива и секако охрабрувајќи ги другите три земји во регионот да бидат дел од овој напор, за да одиме напред за доброто на нашите народи“,
рече Рама.
Тој најави дека денеска трите држави ќе потпишат договори за извоз, сточарство и признавање на сертификати за акредитација и олеснување на извозот и увозот на стока, како и за соработка во областа на ветеринарната медицина, храната итн.
„Можеби звучи технички, но договорот претставува пресвртница на овој пат. Тоа практично ја отстранува постојаната бариера за отворените земјоделци. ‘Отворен Балкан’ е повеќе стремеж отколку иницијатива. Тоа е чекор напред кој го отвора Балканот и го подготвува за интеграција во ЕУ“,
рече Рама.