На денешното претставување на дроновите присуствуваа премиерот на Косово, Албин Курти, косовскиот министер за одбрана и врвот на Безбедносните сили на Косово (ФСК)
Косовскиот министер за одбрана изјави дека Косово ќе биде 33. земја што ќе се зачлени во НАТО, јави дописникот на МИА од Приштина
Премиерот на Косово, Албин Курти, министерот за одбрана во неговата влада, Арменд Мехај и командантот на ФСК, Башким Јашари, денеска ја претставија набавката на турски дронови „бајрактар“. Не е соопштено колку точно беспилотни летала се набавени од Турција ниту колку чинат. Но, според косовскиот министер за одбрана, набавката на новата опрема е огромен успешен проект.

„Од денот кога го презедов мандатот како министер мој главен приоритет беше купувањето вооружување и опремувањето на ФСК со модерно оружје од последната технологија, кое е со стандардите на НАТО. Дроновите ‘бјарактар’ се последен вид оружје што го купивме, кое сметам дека беше неопходно за одбрана на нашата земја. Овој процес не беше лесен, но со беспоштедна поддршка од премиерот Курти, од Владата и исто така со силната меѓународна поддршка, со која ќе продолжиме да чекориме рамо до рамо како и секогаш, успеавме да го заокружиме успешно и овој огромен проект“,
ја пренесува МИА изјавата на косовскиот министер Арменд Мехај.
Според Мехај, набавката на дроновите оди во насока на амбицијата на Косово – да стане 33. земја членка на НАТО.

„Наредните проекти ќе бидат големи чекори во правец на развојот на нашата сила. ФСК, со борбениот дух наследен од ОВК (Ослободителната војска на Косово) и со новата опрема која ја набавуваме секојдневно, станува нескршлива војска и гарант на мирот. Република Косово треба да биде 33. земја која се зачленува во НАТО, нашите задачи на тој пат ќе ги извршуваме посветено и заедно ќе го реализираме и тој стремеж“,
вели Мехај.
На претставувањето на новото вооружување премиерот Курти изјавил дека во изминатите две години, колку што е на власт, неговата влада го зголемила за над 80 отсто бројот на војници и над 100 отсто буџетот за војската, пренесува МИА.
Минатата година и Србија најави дека ќе купува дронови „бајрактар“. При крајот на минатиот месец српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија се повлекува од тој договор бидејќи Турција му продала такви дронови на Косово. Па, официјален Белград се сврти кон кинеските дронови ЦХ-91 (CH-91)