Од Министерството за здравство на Косово денеска најавија дека се разгледува можноста за нови мерки за спречување на ширењето на ковид-19, меѓу кои е затворањето на училиштата, угостителските објекти, трговските центри и фитнес центрите, јави дописникот на МИА од Приштина.
Евентуалните нови мерки, како што најави косовскиот министер за здравств,о Арбен Витиа, на денешната виртуелна средба со претставници на Министерството за локална самоуправа и на дел од општините, би стапиле на сила идниот вторник, на 6 април, и би траеле до 18 овој месец.
На ова се спротивставија Здружението на угостители и Бордот на Асоцијацијата на општини, кои тврдат дека новото затворање ќе предизвика уште поголеми штети на економијата, која и онака трпи поради пандемијата.
Инаку, во Косово во минатото деноноќие се регистрирани нови девет смртни случаи како последица ковид-19, а во истиот период регистрирани се 680 нови заболени.
Според последните официјални статистики, досега од појавата на епидемијата, во земјата вирусот е откриен кај вкупно 93.655 лица, од кои починале 1.915 заразени.
Последните 24 часа, согласно последниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово, како излекувани од болеста се евидентирани 465 лица кои претходно биле дијагностицирани со Ковид-19, со што бројката на оние кои ја совладале болеста достигна до 77.433.
Активни носители на вирусот во моментов, вклучително денешните податоци, се 14 307 лица.