Косовскиот министер за внатрешни работи рече дека нападот на косовската полиција не бил ад хок, туку планиран со месеци. Додаде дека врз основа на документите кои се пронајдени, потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби и човек близок до српскиот претседател Вучиќ – Милан Радоичиќ е поврзан со нападот
Безбедносните власти на Косово го обвинија потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, дека го организирал и учествувал во нападот врз косовската полиција на 24 септември.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечла, на денешната прес-конференција рече оти властите пронашле мапи и планови за напад врз косовската полиција на северот од земјата на 24 септември.

Рече дека нападот не бил ад хок, туку планиран со месеци и додаде дека врз основа на документите кои се пронајдени, Милан Радоичиќ е поврзан со нападот.
„Во материјалите кои ги најдовме, ги откривме и документите на криминалецот кој, патем, се наоѓа на црната листа на САД – Милан Радоичиќ. Документи кои ја докажуваат неговата поврзаност или директно учество во оваа акција. Ова е списокот на оружје, односно дозволи кои институциите на Србија му ги дале на Милан Радоичиќ и список на оружјето што го поседува, со бројки, со сè што е пронајдено во првиот автомобил. Оригиналниот документ е во рацете на форензичарите“,
рече косовскиот министер за внатрешни работи.
На денешната прес-конференција полицијата ги изложи оружјето и опремата што ги пронашла на местото на настанот. Според министерот за внатрешни работи, врз основа на оружјето што го пронашле, се верува дека имало план во нападот да се вклучат „стотици луѓе за да се дестабилизира Косово“.
Во меѓувреме, генералниот директор на косовската полиција, Газменд Хоџа, изјави дека во автомобил „мерцедес“ со белградски регистарски таблички била пронајдена дозвола за пиштол на име Радоичиќ.
„Документот е издаден од српските власти, што предизвикува сомнеж дека и самиот Милан Радоичиќ е меѓу вооружените и униформираните лица. Се сомнева дека оваа терористичка група била организирана од Милан Радоичиќ, лице блиско до српскиот претседател Александар Вучиќ, и дека била активно поддржана од владата при набавка на оружје и логистички средства, вклучително и влез Косово со над 26 моторни возила на Србија“,
рече Хоџа.
Тој додаде дека во тек е операција за пронаоѓање на лицата вклучени во нападот на косовската полиција, за кои се сомнева дека се околу 30-ина, не исклучувајќи ја можноста тие да се уште на територијата на Косово.
Косовската полиција беше нападната рано утрината на 24 септември, од група маскирани и вооружени лица, при што загина еден полицаец. Најмалку тројца од напаѓачите се убиени. Во меѓувреме, шест лица, кои се осомничени за поврзаност со вооружената група, се уапсени.
Косовскиот премиер Албин Курти ги опиша вооружените напаѓачи како „организирана професионална единица која дошла да се бори на Косово“. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, го осуди убиството на косовскиот полицаец и негираше каква било поврзаност на Белград со нападот.