До настанот дошло откако возач на автобус со косовски национални ознаки бил одбиен за влез во државава бидејќи немал соодветен сертификат за професионален возач на автобус

Четириесет и петгодишен државјанин на Косово е лишен од слобода и одреден му е притвор поради сомнение дека на граничен премин дал поткуп на полициски службеник, информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Во информацијата од ОЈО се наведува дека вчера, на граничниот премин „Долно Блаце“, осомничениот му дал 50 евра на полициски службеник за тој да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
До настанот дошло откако возач на автобус со косовски национални ознаки бил одбиен за влез во државава бидејќи немал соодветен сертификат за професионален возач на автобус.
„Потоа осомничениот дошол на граничниот премин, се претставил како сопственик на превозната компанија и побарал да разговара со сменоводителот. Кога влегол во канцеларијата на сменоводителот, на неговото биро оставил банкнота од 50 евра за да им овозможи влез на возачот и автобусот во државава“,
се вели во соопштението од Обвинителство.
Притворот, како што велат од ОЈО, е побаран поради постоење можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и евентуалните соучесници, како и да го повтори кривичното дело, но и поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство.
За случајот денеска информираа и од Министерството за внатрешни работи од каде што велат дека полициски службеници го лишиле од слобода Ф.С. (45) од Косово за сторено кривично дело давање поткуп.
Оттаму велат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
