Според изворот на „Косова прес“, поранешниот прв вицепремиер, кој повеќе од една година е во бегство, се преселил во област недалеку од центарот на Приштина заедно со две деца. Според наводите на изворот што го цитира косовската новинска агенција, Груби бил облечен во зимска јакна и спортска опрема. На главата носел шапка, а пуштил и брада
Косовската новинска агенција „Косова прес“, повикувајќи се на свои извори, објави дека поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем во Македонија, Артан Груби, кој повеќе од една година е во бегство, вчера попладне бил виден во Приштина.

Според изворот на „Косова прес“, Груби се преселил во област недалеку од центарот на Приштина заедно со две деца. Според наводите на изворот што го цитира косовскиот медиум, Груби бил облечен во зимска јакна и спортска опрема. На главата носел шапка, а пуштил и брада.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби од редовите на ДУИ беше ставен на т.н. „црна листа“ на САД во декември 2024 година поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
По ставањето на американската „црна листа“, Груби излезе со тврдење дека е „чист како солза“, но дека донел одлука да се повлече од јавниот живот за мир на своето семејство и зачувување на личниот интегритет. Набргу потоа тој избега од државата откако Обвинителството отвори истрага за случајот со проневери во „ Државна лотарија“ во кој е осомничен и поранешниот прв вицепремиер.
Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово додавајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома. Македонската полиција има распишано меѓународна потерница по Артан Груби.
Во интервју за „360 степени“ во ноември годинава, доскорашниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека истрагата во која е осомничен Груби е речиси завршена, единствено, како што рече, се чека на неговата екстрадиција. Според Коцевски, сите докази се собрани, има и финансиска истрага, но немаат информација каде е Груби бидејќи тоа не е надлежност на Обвинителството.
