Во пресрет на турнејата, претседателот на Европскиот совет порача дека доаѓа за да разговара со лидерите на земјите од Западен Балкан и да им покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне во однос на предизвиците со кои се соочуваат
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, в четврток ќе престојува во Скопје, во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан која ја почнува денеска, а ја завршува на 16 мај.

Во пресрет на турнејата, Кошта порача дека доаѓа за да разговара со лидерите на земјите од Западен Балкан и да им покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне во однос на предизвиците со кои се соочуваат.
„Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ и за мене лично. Постои јасен моментум за проширување, но моментумот бара посветеност“,
порачал Кошта, потврдувајќи ја посветеноста на ЕУ кон регионот за членство во Унијата.
Работниот дел од посетата на Кошта го започнува во Белград, каде што ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут и со членови на Народното собрание на Србија.
Од Белград, Кошта утре попладне ќе отпатува за Сараево каде ќе што се обрати пред припадниците на Силите на ЕУ во Босна и Херцеговина, по што ќе се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.
Претседателот на Европскиот совет оттаму ќе допатува во Подгорица каде што ќе се сретне со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, со премиерот Милојко Спајиќ и со членови на Владата на Црна Гора. Во среда попладне ќе отпатува за Приштина на средба со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу.
В четврток Кошта ќе престојува во Скопје, каде што ќе оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. Попладнето ќе замине за Албанија на средби со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, а ќе разговара и со студенти на тиранскиот Колеџ на Европа.
Во петок Кошта ќе ја заврши турнејата со шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Тирана, каде што ќе биде кодомаќин. Темата на самитот е „Нова Европа во новиот свет: Единство – Соработка – Заедничко дејствување“ со фокус на безбедноста. Во рамки на самитот ќе се одржат и три тематски тркалезни маси.