Говорејќи за проширувањето во своето воведно обраќање на Стратешкиот форум во Блед, претседателот на Советот на ЕУ рече дека, според него, најголемиот проблем не се потребните реформи или преговорите за различни поглавја и кластери, туку дека вистинскиот предизвик кај овие земји лежи во усвојувањето нов начин на размислување, кој подразбира надминување на историските конфликти
Пристапувањето на земјите од Западен Балкан, Молдавија и Украина кон Еврпската Унија (ЕУ) не е само ветување, туку приоритет, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во своето воведно обраќање на Стратешкиот форум во Блед, наведувајќи, во тој контекст, дека ЕУ не е затворен клуб, туку заедница на вредности и проекти за мир и просперитет кој сè уште не е завршен.

Говорејќи во таа насока, Кошта, како што пренесе МИА, рече дека станува збор за земји кои се во срцето на Европа и дел од нејзината иднина, поради што во наредните години ЕУ мора да се подготви за проширување преку реформи, буџетски приспособувања и зајакнато управување.
Според, претседателот на Европскиот совет, проширувањето нема да биде лесно, но, како што рече, ќе вреди.
„Тоа е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме, да ги помириме нациите и историите и да изградиме пообединет континент. Ќе продолжиме да соработуваме со сите партнери во пристапувањето и ќе го искористиме овој позитивен моментум за проширувањето“,
рече Кошта.
Тој додаде дека Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан е потенцијална пресвртница која нуди финансиска поддршка и стимулации за реформи, регионална соработка и економска интеграција.
„Сите лидери мора да го дадат својот удел. Сите страни мора да преземат одговорност. Бидејќи не станува збор за географија. Станува збор за вредности – демократија, човекови права, слобода и владеење на правото“,
кажа Кошта.
Говорејќи на темата, претседателот на Советот на ЕУ рече дека проширувањето не е само предизвик за Европската Унија, туку е уште поголем предизвик за земјите од Западен Балкан.
Според него, најголемиот проблем не се потребните реформи или преговорите за различни поглавја и кластери, туку вистинскиот предизвик лежи во усвојувањето нов начин на размислување, кој подразбира надминување на историските конфликти.
Тој во воведното обараќање на Стратешкиот форум во Блед говореше и за рамковниот трговски договор меѓу ЕУ и Соединетите Американски Држави (САД) и обновените дипломатски напори за ставање крај на војната во Украина, притоа наведувајќи оти е свесен за фрустрацијата што ја чувствуваат многу Европејци кои ѝ замеруваат на ЕУ дека е премногу пасивна во однос на овие случувања.
Кошта рече дека Европската Унија не започнала трговска војна со САД и се „воздржа од одмазда“, за да ги заштити сопствените интереси, односно интересите на европските потрошувачи и на бизнисот и да осигури дека европските производи и услуги не се во неповолна положба во однос на другите извозници во американскиот пазар.
„Но, нашите партнери, вклучувајќи ги и САД, мора да знаат дека ЕУ секогаш ќе го брани својот суверенитет, своите граѓани, своите компании и своите вредности. Дипломатијата никогаш не треба да се меша со самодоволност. Точно е дека овој момент уште еднаш докажа дека нашиот моќен единствен пазар од 450 милиони потрошувачи и нашиот пристап базиран на правила не се доволни. Затоа мора да станеме поавтономни, поотпорни и поподготвени да дејствуваме. Посуверени“,
порача претседателот на Европскиот совет.

Според него, Европската Унија мора да преземе поголема одговорност за сопствената судбина и да се залага за свет каде што мирот е заштитен, партнерствата се вистински и каде што принципите на Повелбата на Обединетите нации се почитуваат не само со зборови, туку и со дела.
Во однос на Украина, Кошта рече дека Европа цврсто застана зад Украина против руската агресија затоа што европската безбедност е поврзана со украинската отпорност.
За случувањата на Блискиот Исток, односно во Газа, тој кажа дека Европската Унија инсистира на недвосмислено почитување на меѓународното хуманитарно право, итен и одржлив прекин на огнот, непречен хуманитарен пристап и обновена меѓународна посветеност на решението за две држави.
„Мирот без одбрана е илузија. Спротивно на најлошите предвидувања, успеавме да ги задржиме САД вклучени во НАТО и посветени на источната безбедност на Европа. Дипломатијата сè уште функционира, а трансатлантската врска се одржа“,
рече претседателот на Европскиот совет.
Кошта порача дека во денешниот фрагментиран свет, Европската Унија избира да дејствува и тоа не само преку моќ, туку преку партнерство, принципи и упорност.
„Ќе застанеме на страната на оние кои го почитуваат меѓународното право, а не на страната на оние кои сакаат да го уништат. И ќе продолжиме да градиме посилна Европа, не само за себе, туку во корист на глобалниот мир, правда и соработка. Ова е ветувањето на Европа. Ова е целта на Европа“,
заклучи тој.